
Заврши четиридневната филмска програма во Паркот на поезијата во рамки на „Дрим шорт“ во Струга
Деветтото издание на „Дрим шорт филм фестивал“ во Струга се одржа од 7 до 10 август во Паркот на поезијата, а заврши со доделување на наградите.
Препорачано
На „Дрим шорт“ годинава беа прикажани 29 филмови во шест категории, работилница за филмска критика „Соочување со минатото“, мастер-клас со актерот Никола Ристановски, филмска програма во склоп на катчето за Виртуелна реалност, мастер-клас со реномираниот директор на фотографија Флоријан Хофмајстер, еко-филмска програма во соработка со „Еко-свест“ и Холандска вечер во соработка со фестивалот „Гоу шорт“. Фестивалските вечери се заокружуваа со музичка Офф-програма со диџеј-сетови на Андреја Салпе, Чима и Андреј Мицајков.
Четири истакнати филмски професионалци беа во составот на фестивалското жири: Никола Ристановски, Јелена Јованова, Гуидо Казале и Бранко Ристовски. Жирито ги додели наградите со експликација за секој награден филм.

Поетската и длабоко емотивна приказна која го истражува сложениот однос меѓу блискоста и оддалеченоста, присуството и отсутноста во човечките врски, со наслов „Невидлива сестра“ на Нели Рајала, ја доби наградата за најдобар филм во студентската програма.
Сатиричната краткометражна драма во форма на мокументарец – единствен по својот стил и се издвојува поради силниот сатиричен пристап со наслов „Треба да зборуваме за Дилан“ на Умут Шилан Огурлу е прогласен за најдобар филм во регионалната програма.
Во категоријата за најдобар филм од македонската програма одлучено е да биде доделено и специјално признание, поради зрелоста што авторот ја прикажува во пристапот кон сценариото, но и во режијата. Специјално признание во македонската категорија доби филмот „Зајак“ на Ханис Багашов.
Прекрасен расказ адаптиран на современ начин, кој одлично функционира во контекстот на приказната. Иако се работи за стар мотив, авторот умешно го поставува во денешно време, преку тинејџерски ликови, зборувајќи за нешто навидум едноставно – љубовта. И покрај тоа што во филмот играат натуршчици, режисерски е постигнато врвно ниво на актерска игра. За најдобар филм од Националната програма е прогласен филмот „Мала шега“ на режисерот Трифун Ситниковски.
Филмот што ја прикажува војната без директно да прикаже војна – со суптилен и зрел пристап, кој остава длабок впечаток, филм којшто ја одбележа годината е прогласен за најдобар во категоријата „Соочување со минатото“, а станува збор за „Човекот кој не можеше да молчи“ на Небојша Сљепчевиќ.

Филмот кој се издвојува поради длабочината на приказната, мајсторската режија, беспрекорната актерска игра и впечатливата фотографија што го прави целосно заокружено филмско остварување во секој поглед – не само технички, туку и емотивно, филм кој не те остава рамнодушен, едногласно е прогласен за најдобар филм во Интернационалната категорија. Станува збор за филмот „О“ на Рунар Рунарсон, кој е прогласен и за најдобар филм на деветтото издание на „Дрим шорт“.
За најдобар филм од публиката беше изгласан филмот „Остров“ на Бранко Костески. Покровител на наградата е „Интероптик“ од Струга, известија од тимот на „Дрим шорт“.