Заради рејтингот дома да не се брукаме во Вашингтон

Фото: МИА

Нам не ни треба уште еден Стратегиски договор со САД од кој ќе биде задоволна „Лепа од Канатларци“, туку таков со кој нема да им го губиме драгоценото време на нашите американски пријатели.

Во некои минати времиња, тогашниот македонски претседател Борис Трајковски – на што сегашниот претседател Стево Пендаровски мора да се сеќава, бидејќи му беше советник – испрати еден список од 10 точки во Вашингтон.

Патем, колку за уште едно потсетување, тогашниот амбасадор на САД во земјава Лоренс Батлер остро се спротивстави на испраќањето на тој список. А самиот Стево Пендаровски во претседателскиот кабинет во однос на испраќањето на тој прилично дрзок список беше 50-50, така-така, но Трајковски ја „прескокна“ овдешната Американска амбасада и списокот заврши во Вашингтон.

Тој список од десет точки, инаку, беше прилично сечен, лепен и монтиран пред да биде испратен – нема да објаснувам во кој дел од списокот јас монтирав – но, за волја на вистината, Љубомир Фрчкоски во списокот ја додаде десеттата точка: САД да ја признаат Република Македонија под уставното име! Затоа, најзаслужен од македонска страна за американското признавање на Република Македонија под уставното име е – Фрчкоски.

Но, не е темата овде да издавам „државни тајни“. Поентата е дека другите 9 точки од списокот, заедно со десеттата на Фрчко, до последна запирка беа „испорачани“ од Вашингтон кон нас! Дури и независно од тоа што кај нас секогаш има лостови и по некој лев морон во политиката кој не ги разбира овие работи, а камоли половината да ги спроведе. Но, заклучокот е јасен: сите 10 точки беа испорачани од американска страна, до последната.

А, велам, спроведувањето на половина од тој список нашите институции успеаја да го изминираат, направија диверзии и слично. На пример, еден од фамозните „диверзанти“ е тогашниот министер за финансии Никола Поповски. Тој може и да ме тужи за ова што го велам, но ако спојам некои од точките на овој список и стенограмите на неговата средба со тогашниот ирачки министер за финансии, човекот ќе требаше веднаш да си замине во раскошна дунстерска пензија. Но, тоа е помалку важно. Американците заслужуваат, ни прв ни последен пат, голема благодарност од наша страна.

Тоа нѐ води до актуелноста на оваа тема. Имено, сега, Владата, онака хаотично, предложила, а администрацијата во Вашингтон повторно, по којзнае кој пат, од куртоазија прифатила да направиме уште еден, ете, македонско-американски Стратегиски договор! Демек, како своевремено Грујо и „лепи свет“ околу Џорџ Буш во 2008 година, ако добиеме од Бугарија повторно евроинтегративно НЕ, да имаме со нешто да си се пофалиме дома, како Грујо тогаш, така и сега, да не ни падне рејтингот.

Читам што предложил нашиот министер за надворешни Бујар Османи и не можам да верувам дека овој Стратегиски договор се однесува и на некаква „Лепа од Канатларци“ да си земе стипендија и да студира во САД!

Стратегиските договори се многу тешка материја. Еве, на пример, Финска и Шведска заглибени во сите „стратегиски договори“, од прва и без референдум, не водејќи сметка за „Лепа од Канатларци“, купиле 120 американски авиони Ф-35 А. Стратегиските договори се многу мачни за постигнување, нашата страна секогаш се карактеризира со општа неекипираност, неколку дунстери околу за сликање и Бујар со големата насмевка и рака за поздравување. А што, всушност, ако е навистина стратегиски и не е наменет само за да се направи некому рејтинг-ќеф во Скопје, треба да содржи рамката на еден таков договор?

Прво, САД од сопствени ресурси и без пресметана камата, да одвојат финансиски средства за конверзија од јаглен во гас на РЕК Битола и ТЕЦ Неготино. За потребите на нивното работење, ние гасот ќе го набавуваме само од САД, а конверзијата ќе ја направат компании избрани на тендер во чија комисија главен збор ќе има САД.

Второ, САД ќе воведат режим на визи со Македонија ист како оној што го имаат со Албанија.

Трето, САД ќе бараат од своите сојузници – Велика Британија да ги укине визите со РСМ, а од Канада, Австралија и Нов Зеланд со РСМ да воведат ист режим како САД, односно ист како оној со Албанија.

Четврто, САД ќе лобираат некои од американските инвестиции повлечени од Русија да завршат во нашата економија, а ние ќе ја реформираме нашата државна администрација според дизајнот на САД. Овие инвестиции да се насочат во регионот Гостивар-Тетово-Скопје и Куманово каде што многу граѓани се вратени од работа во Авганистан и сега не знаат што да прават со себе.

Петто, целото оружје произведено на Исток, а кое сѐ уште се наоѓа во вооружувањето на Армијата на РСМ, да биде испорачано во Украина, а кај нас да биде адекватно заменето, може и „половно“, со оружје набавено од САД.

Шесто, САД да ни дадат кредит без камата за купување 10 хеликоптери и уште неколку транспортни авиони за потребите на државата.

Седмо, воениот полигон Криволак да биде перманентно издаден на НАТО под наем и услови дефинирани по друг договор.

Осмо, американската централа на ФБИ во Будимпешта да отвори подрачна канцеларија за Република Северна Македонија (а и регионот).

Деветто, реформите во правосудството експресно да се засилат, а за борбата против корупцијата муабет да не стане!

Десетто, точка Разно…

Ова е некаков Стратегиски договор со кој „Лепа од Канатларци“ би била многу позадоволна од тоа што денеска куртоазно го бараме од Вашингтон, по повод дилемата дали ќе има или ќе нема вето од Бугарија. За да не им го губиме драгоценото време на нашите стратегиски пријатели. Бидејќи светот станува многу компликувано место за стратегиски договори. Ако не се практични, никому не му користат. Освен на оние загрижени за политичкиот рејтинг дома.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот