Започнува кампањата за парламентарни избори

Избори / Фото: ,,Слободен печат''- Драган Митрески

Кампањата за Парламентарните избори почнува денеска со активности на партиите и коалициите за претставување на изборните програми и кандидатите за пратеници во шесте изборни единици. Активности ќе има и за тековната кампања за Претседателските избори која ќе трае уште пет дена.

Со потпишување Кодекс за фер и демократски избори претставници на повеќето од политичките партии вчера се обврзаа дека ќе го почитуваат етичкиот кодекс и нема да користат говор на омраза во предизборната кампања.

– Кодексот е потврда за демократскиот развој за нашето општество дека сите заедно се обврзуваме на принципите на демократијата. Преку потпишувањето на овој Кодекс, потписниците испраќаат порака за фер и почитување на сите правила, закони и прописи, како и почитување на владеењето на правото и правната држава при организирање на изборите, порача претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски.

Претставниците на коалициите предводени од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, посочија дека ќе водат фер и позитивна кампања, базирана на нивните програмски ветувања, а дел од партиите укажаа на неурамнотеженоста во распределувањето на државните средства за политички маркетинг меѓу големите и малите политички субјекти.

Малку беше една, од утре ќе има две кампањи

– Големите политички субјекти од народни и државни пари ќе добијат за политички маркетинг девет милиони евра, а малите политички партии по осум илјади евра, па граѓаните нека заклучат. Во полн ек е претседателската кампања за сите претседателски кандидати гледаме како се одвива, дека голем број на кандидати за Парламентот се директно вклучени инволвирани говорници коишто повикуваат за поддршка на претседателските кандидати. Тоа ДИК треба да го преиспита, рече Максим Димитриевски од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.

Претставникот на коалицијата „Храбро за Македонија“ Стевчо Јакимовски, исто така укажа на начинот на државното финансирање на политичката кампања.

– Идејата на државното финансирање на изборната кампања е да го поттикне политичкиот плурализам, а не да се финансира само главната политичка власт и опозиција, рече Јакимовски, објаснувајќи зошто не го потпишал Кодексот. Покрај Јакимовски, кодексот не го потпишаа и претставниците на Демократи, Десна и Работничка партија.

Кампањата за парламентарните избори завршува на 6 мај. Активности за оваа кампања ќе има и на 23 април, денот на изборен молк за Претседателските избори. Првиот круг од Претседателските избори ќе се одржи на 24 април, а вториот на 8 мај кога ќе се гласа за пратеници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот