Заев: Што поскоро да почне постапката на проверка на имотот на судиите и обвинителите

Фото: МИА

Премиерот Зоран Заев, денеска, на својот Фејсбук профил, се огласи по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата.

„Ова е ден кога нагласено потсетуваме дека случаите на корупција се најподмолните закани за општеството. Денес постои сериозна политичката волја и подготвеност за справување со корупцијата во нашата земја, верувам, како никогаш до сега. Тоа го докажавме во повеќе случаи кога во јавноста беа покренати сомневања за судир на интереси или несовесно работење кои ја отвораат портата за корупција.

Бескомпромисна борба против корупцијата ќе постигнеме само со транспарентни и отчетни институции. Такви мора мора да бидат сите институции, вклучително и тие во судството и обвинителството. Со храбра антикорупциска комисија како што имаме сега, сите институции треба да покажат отпор кон корупцијата и кон конфликтот на интереси.

Ако за тоа нема волја, или ако антикорупциските механизми се попречени на било кој начин, оваа општествена болест ќе ги опфати сите витални делови на заедницата и ќе биде закана за нејзиниот развој.

Затоа е важно да започне постапката на проверка на имотот на судиите и обвинителите, колку може поскоро. Важно е да се утврдат конфликтите на интереси и во правосудството. Секој судија и обвинител треба да ги декларира сите адвокати, правни застапници и обвинители од своето опкружување со кои на било кој начин се поврзани, или биле поврзани, во судските постапки што ги воделе.

Само со ангажираност и подготвеност на сите институции ќе успееме да ја запреме корупцијата“, напиша Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот