мирослав грчев
Мирослав Грчев / Фото: Приватна архива

Заблуда за виталноста и моќта на фашизмот

Упорно, ко сврдел, ми буши мозок мислата дека оние што денес инсистираат на бришење на нивното фашистичко минато се без секое сомневање новите мимикрични фашисти, што Лебовиќ така непогрешно ги препозна.

Во 2016 година речникот Оксфорд го избра за збор на годината post-truth, придавка чијшто превод на македонски можеби би бил „послевистинито“, со значење дека се работи за историска состојба или околности во коишто објективните факти веќе не се толку влијателни во обликувањето на јавното мислење како што се тоа емоциите или личните убедувања. Оваа одлука на уредувачкиот одбор на речникот Оксфорд дошла по анализите што покажале дека зачестеноста на употребата на зборот во годината на британскиот брегзит и американските претседателски избори на кои триумфираше Доналд Трамп како да ги надмина сите други зборови во нормална употреба.

Меѓутоа, и површно копање по историјата на поимот покажува дека тој практично зема замав уште во раните 90-ти, од кога во нашиот свет почна големото пресоздавање на историјата и повторното пишување на минатото што неизбежно повеќе се засноваше на новите чувства и победнички еуфории отколку на објективните факти. Повод за овој историски ревизионизам беше светскиот колапс на социјализмот, следен – или предизвикан – од идеолошкиот пораз на марксизмот и воопшто на левичарската мисла во светот. Либералниот капитализам, облечен во кобожем ново руво наречено „неолиберализам“, ја презеде планетата како единствен и неспорен идеолошки хегемон.

Ревизија на историјата

Од првиот ден на престолот овој хегемон прогласи крај на историјата, себеси се претвори во божество или во природна состојба на човечките општества, та се зафати да ја менува историјата на 20 век, особено онаа по Втората светска војна, што дотогаш го одредуваше светскиот поредок и ја чинеше основата на светогледите на генерациите што се раѓаа во втората половина на векот. Основна задача на оваа историска ревизија беше маргинализација на значењето и последиците на фашизмот како идеологија, движење и политика, потпомогната со масивна релативизација, лавирање и нијансирање на злосторите и ужасите на фашизмот.

Паралелно со ова, се пристапи кон озлогласување на комунистичката идеологија и нејзините државни остварувања и практики, и контрастно презголемување на жртвите на комунизмот. Изедначувањето на овие две дијаметрално спротивни стварности – едната крајно десничарска, другата крајно левичарска – и изедначувањето на нивните жртви, го најде и својот одраз во Европската резолуција за совеста и тоталитаризмот од 2009 година.

Оваа нова историја на 20 век продолжи да го маргинализира и да го релативизира фашизмот како најголемо зло што му се случило на човештвото во целата негова историја, на сметка на потенцирањето на злосторите на комунистичкиот тоталитаризам. Овој историски инженеринг за триве последни децении успеа практично да го избрише фашизмот од јавниот дискурс, од историските учебници во школите и, се разбира, од свеста на луѓето во целиот западен свет. Употребата на зборот стана безмалку забранета, политички некоректна, како чиста навреда, зашто веќе никој поединечно и ниту партија или политика или состојба на свест веќе не беше пристојно да се нарече фашистичка.

Исчезнувањето на фашизмот од популарната перцепција на историјата го доби и својот политички легитимитет во Европската резолуција за важноста на европското сеќавање за иднината на Европа од 2019 година, спонзорирана од десничарските партии во европскиот парламент. Резолуцијата е пишувана како фашизмот да победил, со мало задоцнување, се разбира, а вината за 60-те милиони жртви на фашизмот ги префрла на еден куп врз „нацистичките и комунистичките тоталитаризми“, претворајќи ја поствоената историја во послевистинита историја на комунистичката окупација на Источна Европа.

Во меѓувреме, од националните истории масовно се брише фашистичкото минато, заедно со одговорноста за окупираните земји и убиените жртви, и сè помал број луѓе знае за најголемиот злостор со сеевропско потекло и одговорност. Дека фашизмот беше најмасовното и најмоќното движење во Европа помеѓу двете светски војни и дека во буквално секоја европска држава постоеја моќни фашистички партии и движења кои неретко ја земаа власта, тоа веќе не е пристојно и да се спомне, а на меѓународен план предизвикува официјални дипломатски ноти за „говор на омраза“ и – што знам веќе – за руска пропаганда.

Дека во 20-тите и 30-тите години од минатиот век Европа стануваше, земја по земја, фашистички континент, првин со Италија, па Португалија и Шпанија, Австрија, Франција, Романија, Унгарија и Бугарија, а потем, со германското „обединување на Европа“ до 1941 практично сите европски држави освен Британија и Советскиот Сојуз биле автентични фашистички злосторнички режими, велам, за тоа денес веќе не е политички коректно да се зборува.

Фашистичка Европа

Кога човек не може во пресложената стварност да го препознае идеолошкиот хегемон, постојат само два метода да си го расчисти видот: едниот е да ги препознае спомениците што хегемонот ги подига, но и оние што ги руши. И, ќе сознае бргу дека секоја современа власт што ги слави губитниците во Втората светска војна е закономерно фашистичка во својата суштина, колку и тоа да го одрекува. Вториот метод е препознавањето да му се препушти на човек што фашизмот несомнено го препознава, зашто знаењето за фашизмот му создава болка. Читам еден таков, вистински литературен гениј, Ѓорѓе Лебовиќ, Југословен што го напиша без сомнение најголемиот роман во Европа во 21 век, со наслов „Semper idem“, автобиографски роман за неговото детство во фашистичка Европа, чиешто пишување било прекинато од смртта на писателот во 2004 година. Во раце ми се за првпат објавени записи од бележникот на писателот, поместени во збирката негови приказни „Ангелите нема да слезат од небото“, каде што овој автор – кој ги поминал двете последни години од војната во Аушвиц и други концентрациони логори од Хитлеровиот архипелаг на смртта – во зората на 21 век и во залезот на својот живот, пишува за фашизмот.

Пишува Лебовиќ дека веднаш по 1945, „додека фашизмот го погребуваа во целата Европа, без посмртни почести, веќе се беше запатил и почнал да никне нов, во други облици и со други формални обележја, при што никој не укажуваше на својата припадност на фашистичкото движење, ниту пак ги истакнуваше своите заслуги за неговиот препород. (…) Повеќе од педесет години фашизмот опстојуваше, час растејќи и добивајќи на сила, час слабеејќи и стивнувајќи, понекаде ја освојуваше власта, потем губејќи ја водечката позиција и стивнат чекајќи нова можност. Денес, на прагот на новиот милениум, во не мал број земји владеат фашистички режими, а членови на партии со фашистички ориентации седат во парламентите на многу цивилизирани држави, симулирајќи не само либерализам туку и антифашизам. (…) Во заблуда се сите оние што ја потценуваат виталноста и моќта на фашизмот“.

Во светло на овие потресни мисли на Ѓорѓе Лебовиќ треба да се гледа и на фактот што Европската Унија, преку ветото на една своја членка, како услов за отпочнување на преговорите за нашето членство во Унијата, бара од македонската држава да избрише од својата историја дека настанала во борбата за ослободување од бугарскиот фашистички окупатор. Им пречи придавката „фашистички“, а се бара да се ревидира и „окупатор“. Нема проблем, си мислам, доколку тоа е цената за нашето затскривање под европската стреа. Но, упорно, ко сврдел, ми буши мозок мислата дека оние што денес инсистираат на бришење на нивното фашистичко минато се без секое сомневање новите мимикрични фашисти, што Лебовиќ така непогрешно ги препозна. Па, тогаш, што бара една автентично комунистичка и антифашистичка творба како што е македонската држава во фашистичка Европа? И дали воопшто во таква средина вечната македонска фиданка може да преживее?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот