За 9,79 отсто намалени приходите од патарина во периодот јануари-април

фото: Слободен печат

Пандемијата со корона вирусот и воведувањето на полицискиот час осетно ја намали наплатата на патарина во земјава. Од Јавното претпријатие за државни патишта за „Мета.мк“ велат дека приходите од наплата на патарина во периодот јануари-април 2020 година се намалени за 9,79 отсто во споредба со истиот период од минатата година.

Во првите два месеци од годинава е забележан раст на наплатата на надоместокот за користење на патиштата според предвидената динамика, но веќе во март и април 2020 година е забележано намалување од 35,46 отсто кај наплатените средства од патарина. Во ваквите приходи влегува и наплатениот надоместок од наплатната станица кај Гевгелија, која беше пуштена во употреба кон крајот на август 2019 година и за прв пат учествува со својот удел на приходи во годинешниов период јануари-април.

Единствени позитивни вести во екот на корона вирусот стигнуваат во делот на електронската наплата на патарина. Од јули 2019 година до средината на мај годинава се продадени 16.933 електронски уреди, од кои 10.832 М-Смарт картички и 6.101 тагови. Остварен е вкупен промет од 3.246.717 евра, при што во овој период направени се вкупно 87.660 поединечни надополнувања на картичките и таговите.

Од почетокот на годинава до средината на мај 2020 година се продадени 3.226 вакви електронски уреди, што укажува на фактот дека сè поголем број на возачи ја користат електронската наплата на патарина и остваруваат попусти од 2 до 7 отсто на наплатните станици.

Јавното претпријатие за државни патишта лани оствари рекорден приход од 44,3 милиони евра од патарините. Од надоместокот за користење на македонските автопати само во првиот квартал од 2019 година беа инкасирани околу 8 милиони евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот