Враќањето на џедајот

Кина, секако, претставува главниот и најсериозен ривал на САД, која има за цел да го преземе приматот на Америка на светската сцена. Тој процес е неповратлив и неминовен, особено ако се имаат предвид ресурсите со кои располага Кина, како човечки, така и економски.

Секоја (речиси секоја) грешка може да се поправи. Па, така, неколку месеци по завршувањето на мандатот на најконтроверзниот американски претседател досега, работите се враќаат во вообичаената рутина, која ја помниме од времето на претседателот Обама. Америка, од земја свртена кон себе, повторно се враќа на голема врата на меѓународната сцена. Натписот над фирмата „Светски полицаец“ повторно свети наизменично, сино, бело и црвено, на вратата стои натпис „отворено“, а политиката и владеењето на Доналд Трамп, исполнети со скандали и отстапување на мејнстрим американската глобална стратегија се веќе минато. Без оглед на возраста на претседателот Бајден (тој е најстариот избран претседател во историјата на САД), машинеријата околу него пополека се загрева и наскоро се очекува целосно да биде во работен режим.

 

Кина главен ривал

 

Првата работа што неминовно требаше да се поправи беа односите со сојузниците, односно со земјите членки на НАТО и Европската Унија. На прво место е традиционалниот прв сојузник на САД – Обединетото Кралство, каде што Бајден и неговата сопруга беа пречекани срдечно, што првенствено можеше да се забележи и на официјалниот пречек кај британската кралица во замокот Виндзор, која брачниот пар Бајден го пречека со широка насмевка (не така одамна, кога Трамп газеше на тревникот на замокот Виндзор неколку чекори пред кралицата, прекршувајќи го кралскиот протокол, до таа мера што камерите дури и не можеа да ја лоцираат кралицата која беше целосно покриена од корпулентниот Доналд, нејзиното лице имаше сосема друг израз). Бајден, инаку, е тринаесеттиот претседател на САД што кралицата го прима.

Втората етапа од престојот во Европа беше самитот на НАТО во Брисел (кој патем е првиот самит на НАТО на кој нашата држава учествува како полноправна триесетта членка на Алијансата). Таму беа посипани со пепел поранешните изјави на Трамп и реафирмиран цврстиот став на новата администрација искажан преку зборовите на претседателот Бајден дека членот 5 од Договорот за основање на НАТО во кој е предвидена доктрината на колективна одбрана, односно доктрината според која ако една земја од алијансата е нападната, обврска на сите други земји членки е да застанат во нејзина одбрана, е „света работа“. Тој исто така изјави дека цела Европа треба да знае дека „Соединетите Држави се тука“. Претпоставувам дека оваа изјава беше упатена не само кон земјите од Европскиот континент, туку, исто така, и кон Кина и Русија. Во знак на „благодарност“ за повторното враќање на САД на лидерското место во Алијансата, НАТО со посебна изјава ја означи Кина како безбедносен ризик.

Кина, секако, претставува главниот и најсериозен ривал на САД, која има за цел да го преземе приматот на Америка на светската сцена. Тој процес е неповратлив и неминовен, особено ако се имаат предвид ресурсите со кои располага Кина, како човечки така и економски. Она што САД почна да го прави, а беше прекинато за време на владеењето на Трамп, е тој процес колку што може повеќе да го забави. Историјата е еволутивен процес во кој империите се раѓаат и развиваат, го достигнуваат својот зенит и пополека почнуваат да слабеат, а нови да се појавуваат, издигаат и да тежнеат да го заземат нивното место (доволно е само да го споменеме примерот на Римската Империја). Ние го живееме периодот на забрзан подем на Кина, која пополека, но сигурно, почнува да навлегува на териториите традиционално сметани за западни. Тоа, во секој случај, не ѝ се допаѓа на САД и сега таа прави сѐ повторно да го забави процесот на кинеска експанзија колку што може повеќе, а сѐ со цел да го задржи приматот на единствена суперсила по падот на Берлинскиот ѕид. Овој процес секако ќе трае со децении.

Како увертира на враќањето на вујко Сем на чело на светската политичка сцена, во Вашингтон беше објавена претседателската извршна наредба посветена на регионот на Западен Балкан, вклучително и Македонија. Со оваа наредба САД јасно порача дека секој што ги загрозува мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет на која било земја од Западен Балкан и ги поткопува демократските процеси и институции во регионот, ќе биде ставен на „црна листа“, која подразбира забрана за негов влез во САД и замрзнување на целиот негов имот што ќе се најде на американска територија.

Она по што оваа наредба се разликува од претходните е тоа што во неа се споменуваат Охридскиот договор од 2001 и Преспанскиот договор од 2018, кои директно се однесуваат на нашата држава. Со тоа САД уште еднаш потенцираат дека стабилноста и безбедноста на Северна Македонија ги сметаат за американски стратешки интерес и дека нема да дозволат кој било однатре (читај ВМРО-ДПМНЕ и Левица, кои декларативно се изјаснија против Преспанскиот договор) или, пак, однадвор (читај Бугарија, која го кочи почетокот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ) да го попречува евроатлантскиот пат на нашата земја.

За разлика од нашата опозиција, која (од само ним познати причини) тврдоглаво се држи до својата антизападна политика, пораката од САД беше разбрана од раководството на Бугарија, кое ја промени реториката и во најкус можен рок се очекува да ги повлече своите ригидни ставови и да дозволи одржување на првата меѓувладина конференција, која ќе означи почеток на преговорите за полноправно членство во ЕУ, уште за време на португалското претседателство, до крајот на овој месец.

Освен за опозицијата, американската администрација прати порака и за владата на СДСМ и ДУИ, истакнувајќи дека оваа извршна наредба ќе се примени и врз сите оние што се одговорни за корупција, вклучително и проневера на јавни средства, отуѓување приватен имот за лична корист или за политички цели или мито. И покрај тоа што Зоран Заев сѐ уште ја има поддршката на САД, сепак во Американската амбасада во Скопје веќе почнало да недостасува место во регистраторите каде што педантно се чува документацијата поврзана со коруптивни дејства на поединци од актуелната владејачка структура, па на премиерот му било јасно ставено до знаење дека итарпејовската итроштина веќе не поминува и дека треба сериозно да се зафати со борба против корупцијата во своите редови.

Стабилноста на Македонија е само еден од неопходните сегменти потребни да се создадат услови за решавање на косовското прашање, кое секако ќе биде еден од приоритетите на Бајденовата администрација на демократите и можеби најинтересното политичко прашање што ќе се решава периодов во регионот. Поради неговата сензитивност, потребно е процесите во Македонија, особено оние поврзани со евроатлантската интеграција на земјата и создавањето функционални институции, имуни на мито и корупција, да се одвиваат непречено, со цел да се оневозможи прелевање на потенцијални кризи и тензии поврзани со решавањето на косовското прашање, адут кој страната од преговорите која нема да биде задоволна од исходот на овој процес, ќе може да го искористи за да го дестабилизира целиот регион.

Превенирањето на ескалација на евентуална можна дестабилизација ќе биде тест за тоа колку влијанието на САД е вратено на Западен Балкан или, пак, регионот е сѐ уште под влијание на Русија и на другите помали регионални играчи кои, успеаја да „заземат територија“ користејќи го интеррегнумот во кој САД беа свртени кон себе, следејќи ја политиката на Доналд Трамп.

Картите повторно се делат, фигурите се поставуваат на своите позиции. Слободно заземете го вашето место и подгответе се за нова игра на тронови. Да се надеваме дека ние ќе бидеме само публика која од страна ќе го следи овој развој на настаните, а не актери во нив. И силата нека биде со нас.

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот