Во внатрешноста на една опустошена метропола

Хаити/ Фото EPA-EFE/Johnson Sabin

Ретко кој главен град во светот поминал низ она што го издржа Порт-о-Пренс, метрополата на Хаити. Екипата на Би-Би-Си успеа да го посети градот, кој во моментов е под силна контрола на бруталните банди.

Пукање, киднапирање, убивање, сексуално злоупотребување на жени и деца се само некои од ужасите кои се случуваат во последниве месеци во Хаити.

Во главниот град на Хаити во главно владеат две банди. Г-Пеп и Г9. Но, покрај нив, постојат и неколку помали кои се сериозна главоболка за населението.

Порт-о-Пренс е поделен на три зони. Црвена, жолта и зелена. Зелените се оние каде не владеат бандите, жолти се оние кои „денес се безбедни, утре се смртоносни“, а црвените се оние каде обичниот човек нема пристап.

Мапа на Хаити/ Фото Слободен печат/ Никола Колев

Над 60 % од главниот град е под контрола на вооружените банди. Тие ги контролираат патиштата, институциите и продавниците во градот. Обединетите нации велат дека овие банди убиле над илјада луѓе, а киднапирани се уште илјадници други.

Порт-о-Пренс е инаку еден преубав град. Тој е сместен помеѓу зелените ридови и сините води на Карибите. Но, географската положба воопшто не се совпаѓа со актуелната, политичка и социјална ситуација во која се наоѓа оваа голема нација од 11 милиони луѓе.

Откако лани беше убиен претседателот Жовенел Моиз, оваа држава нема ниту лидер, ниту парламент, додека пак премиерот Ариел Хенри, поддржан од САД, нема добра репутација кај населението.

Оваа година е една од најпеколните за оваа држава, во која речиси половина од населението, односно 4,7 милиони се под закана од глад.

Едно утро во Хаити

Колерата, смртоносните земјотреси, државните удари се само некои од ужасите кои светот ги виде во оваа земја. Но, најголемата епидемија се криминалните банди.

Секое утро, секој ден во оваа земја речиси започнува на ист начин. Од 6 до 9 часот наутро се часови кога се случуваат најголем број киднапирања. Во тие часови бандите киднапираат кој стигнат, од деца до стари изнемоштени луѓе. Луѓето се киднапирани додека одат на работа, училиште, во продавница и слично. Вториот бран киднапирања најчесто се случува кога луѓето, кои успеале да стигнат на работа, училиште и слично, се враќаат дома, односно од 15 часот до 18 часот по локално време.

Киднапирањето е индустрија која е во пораст на Хаити. Според ОН, меѓу јануари и октомври оваа година биле пријавени 1.107 случаи. За некои банди тоа е главен прилив на приходи. Откупот може да изнесува од 200 долари до 1 милион долари. Повеќето жртви се враќаат живи, ако се плати откупот, но тие се принудени да страдаат додека се киднапирани.

„Мажите се тепани и ги палат со материјали како стопена пластика“, вели Гедеон Жан, од Центарот за анализа и истражување за човекови права на Хаити. „Жените и девојчињата се предмет на групно силување. Оваа ситуација ги поттикнува роднините да најдат пари за да го платат откупот. Понекогаш киднаперите им се јавуваат на роднините за да можат да слушнат како се врши силувањето на телефон“.

Жителите на Хаити знаат дека немаат многу голем избор, тие не можат толку лесно да ја напуштат земјата, а нивната безбедност во државата е еднаква на нула. Кога бандите успеаја да го убијат претседателот во неговиот дом, мали се шансите обичните луѓе да останат безебдни.

Полицијата, која е полна со корупција, ги обвини колумбиските платеници, од кои околу 20 беа уапсени за убиството на претседателот Моиз. Но, повеќе од една година подоцна, никој не е осуден за атентатот на претседателот. Активистите за човекови права велат дека четворица судии дошле и си заминале од случајот. Сега е во рацете на петтиот, но нема многу оптимизам за решавање на овој случај.

Хаити/ Фото EPA-EFE/Johnson Sabin

Експертите велат дека вооружените групи имаат врски со корумпирани политички фигури – во власта и во опозицијата. Тие ги снабдуваат бандите со оружје, со финансии или со политичка заштита. За возврат, бандите ја вршат својата валкана работа, генерирајќи страв, поддршка или нестабилност, како што се бара.

Државата заложник на криминалците

Владата на Хаити, ако може така да се нарече, често повикува на помош од странците.

ОН разговараа за потребата од вооружени сили што не нивни, но се чини дека никој не брза да ги испрати, па дури и да учествува.

Странските интервенции на Хаити имаат лошо искуство. Членовите на последната мисија на ОН останаа запаметени по обвинувањата за сексуална злоупотреба и по носењето на колерата на Хаити, преку мировниците на ОН од Непал. Епидемијата уби околу 10.000 луѓе. Меѓу граѓаните на Хаити има мешани ставови за идејата за странско мешање во земјата.

Хаити/ Фото: Richard Pierrin / AFP / Profimedia

Додека меѓународната заедница дебатира, на Хаити секојдневно се случуваат масакри зад кои стојат бандите.

Локалните извори за „Би-Би-Си“ велат дека вооружените групи брутално ја прошируваат својата територија бидејќи изборите се задоцнети. Кога политичарите доаѓаат да бараат гласови – во областите под контрола на бандите – тие плаќаат со секакви средства за нив, кои бандите ги користат за да пустошат по улиците.

Границите на Хаити повторно се прецртуваат во крв. Оние кои живеат во градот често ја ажурираат својата мапа, бидејќи областите сѐ почесто ја менуваат бојата од зелена во црвена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот