Во последно време ве мачат кошмари? Еве кој е главниот виновник

несоница
Фото: Профимедиа

Научниците ширум светот забележале дека сѐ повеќе луѓе се жалат на прекинатиот сон како последица на чудни и интензивни соништа.

Сите знаеме колку е важен квалитетниот сон за целокупното здравје и дека недостатокот на сон може да значи и негативни последици, а се чини дека пандемијата на коронавирусот влијаела и на неговиот квалитет. Според резултатите од студијата објавена лани, од почетокот на пандемијата, меѓу 36 и 55 отсто од испитаниците изјавиле дека имаат проблеми со сонот, кои вклучуваат интензивни и „живи“ соништа.

Кошмарите, кои сѐ почесто се случуваат, се опишани како еден вид сон кога се чувствуваме загрозени, некој нѐ брка, бегаме, паѓаме… Дали за тоа е одговорен стресот? Бидејќи пандемијата се одрази на нашиот секојдневен живот, таа секако имаше влијание и на зголемување на нивото на стрес во секојдневниот живот. Стресните фактори кои се појавија во текот на пандемијата вклучуваат страв од губење на саканата личност, изолација, губење на работа, несигурност околу финансиите, пристап до лекови и медицинската нега, откажувања на патувања и постојано медиумско известување на ситуацијата со ковид-19. Но, во прашање не мора да биде само стресот, туку фактот дека пандемијата влијае на толку многу аспекти од нашиот живот и како таква е често на прво место во нашите мисли, а знаеме дека соништата често се одраз на она што сме го доживеале во будна состојба.

Општо земено, соништата поврзани со пандемијата се поврзани со негативни емоции, а вклучуваат страв, тага и гнев. Студијата објавена лани, која се занимавала со проучувањето на квалитетот на сонот во Италија, упатува на тоа дека испитаниците најчесто во сон чувствувале страв, изненадување и тага. Во друга студија, пак,  се наведува дека дошло до пораст на негативните емоции во текот на пандемијата, особено кај жените, што докажала уште една студија, која ги анализирала соништата на студентите во текот на пандемијата и открила дека, во споредба со соништата пред пандемијата, студентките имале повеќе кошмари и агресивни интеракции во соништата. Истата студија потврдила дека негативните соништа можат да имаат и негативно влијание врз секојдневниот живот, а податоците покажуваат дека кошмарите во текот на следниот ден можат да предизвикаат чувство на вознемиреност и загриженост.

Ако ве мачат лоши соништа или кошмари откако трае пандемијата, можете да пробате неколку методи за да го спречите тоа:

Стресот, како важна причина за лошите соништа, треба да го држите под контрола, а работи кои притоа можат да ви помогнат се вежбањето, здравата храна, пешачењето, слушањето омилена музика, медитацијата или занимавањето со хоби.

Важно е да си поставите правила за одење во кревет, затоа потрудете се секој ден да одите во кревет во исто време, просторијата во која спиете да биде проветрена и не премногу топла, а пред спиење добро е и да уживате во топла, мирисна купка.

Физичката активност е предуслов за добро здравје, но и за добар сон, затоа потрудете се во што повеќе денови во неделата да воведете барем 30 минути активност.

Грижете се за вашето тело со тоа што внимавајте каква храна јадете, ограничете го внесот на алкохол, престанете да пушите и внимавајте да не прескокнувате систематските прегледи.

Поврзете се со другите луѓе и побарајте поддршка ако ви треба, ако сте под голем стрес, разговарајте за тоа, а ако не сакате со пријателите, обратете се кај стручњак. Ова особено се однесува на оние кои често доживуваат кошмари, се будат во текот на ноќта и кај кои се појавуваат анксиозност или депресија.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот