Во Португалија 238 мртви од горештините, разорни шумски пожари се шират и низ Шпанија и Франција,

Фото EPA-EFE/SDIS 33 HANDOUT

Илјадници пожарникари продолжуваат да се борат со пожарите во Португалија, Шпанија и Франција, бидејќи топлотниот бран не покажува знаци на намалување, јави Би-Би-Си.

Португалските власти соопштија дека најмалку 238 лица починале од горештините во текот на изминатата недела.

Во северниот дел на Португалија пилот загина во противпожарен авион во близина на границата со Шпанија.

Од вторникот, температурите се искачија до 47 степени Целзиусови во Португалија и над 40 степени во Шпанија, што ја исуши земјата и ги разгори пожарите.

Португалските метеоролози велат дека температурите ќе продолжат да се движат околу 40 степени пред да паднат следната недела.

Најголемите пожари во Португалија се североисточно од Порто. Пожарите оваа година уништија 30.000 хектари земја, и се најголеми од летото 2017 година, кога Португалија беше погодена од разорни пожари во кои загинаа околу 100 луѓе.

Француската метеоролошка служба денеска предвидува температури до 41 Целзиусов степен во делови од југот на земјата, а за утре се предвидуваат нови топлотни рекорди.

Франција доцна синоќа прогласи портокалов метео-аларм во уште 22 департмани, главно долж брегот на Атлантикот.

Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дрманен рече дека пожарите веќе изгореле 10.000 хектари шума и вегетација и ги пофали пожарникарите за нивната извонредна храброст.

Пожари беснеат и во делови од северозападниот француски регион Жиронда, каде што се евакуирани повеќе од 12.000 луѓе.

Во меѓувреме, на Алпите се повикуваат планинарите да ги одложат искачувањата до Мон Блан поради опасност од лизгање на земјиштето предизвикано од исклучителните климатски услови.

 

 

Топлотните бранови станаа почести, поинтензивни и подолги поради климатските промени предизвикани од луѓето. Светот веќе се загреа за околу 1,1 степен Целзиусов од почетокот на индустриската ера и температурите ќе продолжат да растат доколку владите ширум светот не преземат чекори за намалување на емисиите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот