Во осумте пратеници на Алтернатива и на Беса се „крстат“ и Заев и Мицкоски

Зоран Заев и Христијан Мицкоски / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

И власта и опозицијата најавуваат можно рекомпонирање по локалните избори во зависност од изборниот резултат, но дали ќе има поместување на политичката сцена, ќе зависи и од калкулациите кои партии се гледаат во исто друштво или не.

Некогаш единствената партија, сега поделена на владејачка Беса и опозициската Алтернатива, е во центарот на вниманието околу комбинаториките за окрупнување, кога станува збор за владиното парламентарно мнозинство или за преземање на мнозинството од страна на опозицијата, по изборите на 31 октомври.

И власта и опозицијата најавуваат парламентарно рекомпонирање по локалните избори во зависност од изборниот резултат, но дали ќе има поместување на политичката сцена, ќе зависи и од калкулациите кои партии се гледаат во исто друштво. Секако, во партиските математики и власта и опозицијата ги вклучуваат и дел пратеници од помалите партии кои се дел од коалицијата предводени од премиерот Зоран Заев и таа предводена од опозицискиот лидер Христијан Мицкоски.

Генералниот секретар на Беса Аријанит Хоџа денеска повтори дека партијата останува на ставот дека е потребна соработка со Алијанса за Албанците за да ги победат на локалните избори кандидатите од ДУИ. Интересно е дека Хоџа не ја исклучува можноста Беса по изборите да биде дел од ново парламентарно мнозинство.

– Ова се локални избори, легитимитетот за парламентарни избори односно за нова влада доаѓа од парламентарни избори. Останува на времето да видиме по изборите како ќе се одвиваат настаните и како ќе се движи политичката сцена потоа – рече Хоџа во одговор на новинарско прашање дали би поддржале ново парламентарно мнозинство.

Сопартиецот на Хоџа, заменик-претседателот на Беса, Кастриот Реџепи на Фејсбук напиша дека Беса е подготвена за нова влада без ДУИ.

„За новото парламентарно мнозинство што денеска го спомнавте, без ДУИ што го спомна Таравари, зошто да не?“, напиша Реџепи.

Од друга страна, пратеникот од Алтернатива, Зекирија Ибрахими, најави дека по вториот изборен круг, в понеделник ќе биде објавено новото мнозинство.

На прашањето како ќе се формира новото мнозинство, Ибрахими рече дека тоа е во рацете на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

– Тоа е во рацете на Мицкоски. Негова обврска е да формира ново мнозинство. Од нас има поддршка – истакна Ибрахими во гостувањето на емисијата „Клик плус“.

Лидерот на ДПА Мендух Тачи во интервју за ТВ Клан ги „смести“ четирите пратеници на Алтернатива во владиното мнозинство и истакна дека тоа е веќе завршена работа. Тој додаде дека е добро информиран од Заев и од Ахмети, но дека тие тоа не го објавуваат за да не предизвикаат загриженост кај Беса. Но, Алтернатива експресно го демантира Тачи дека планира да биде дел од власта.

Според брифинг од висок функционер од Алтернатива, тешко ќе оди и окрупнување на мнозинството, но и формирање на ново мнозинство. Тој вели дека Заев и Мицкоски тоа го најавуваат веќе една година. Според него, навестувањето на Хоџа од Беса за ново мнозинство е политичка мобилизација на своите пред вториот изборен круг. Тој е убеден дека Беса нема да излез од Владата. За можноста Алтернатива да биде дел од новото мнозинство, кое го најавува Мицкоски, тој вели дека математиките не го потврдуваат тоа. Вели дека опозицијата сега брои 58 пратеници. Дециден е дека Алтернатива нема да оди во мнозинство во кое е Левица, а без Левица за мнозинство ќе фалат 5 пратеници.

За окрупнување на владејачкото мнозинство, функционерот вели дека е можно Алтернатива да биде дел од Владата, дури и со Беса, но не и со ДУИ, што исто така математички е тешко изводливо.

И коалицискиот партнер на Алтернатива, Алијанса за Албанците, не верува дека Алтернатива ќе стане дел од Владата, но е убедена дека заедно со нив и со другите партии ќе бидат дел од новото  мнозинство.

Заев неколкупати во кампањата веќе изјави дека владејачкото мнозинство е стабилно и најави дека не само што очекува пресврт во вториот изборен круг, туку и дека по изборите очекува окрупнување на власта. Тој досега ниту ја потврди, ниту ја демантира изјавата на Тачи дека власта ќе се окрупни со пратениците на Алтернатива. Според извори од власта, за окрупнување на мнозинството сериозно се игра на картата на четирите пратеници од Алтернатива, но и на пратеници од помалите коалициски партнери на ВМРО-ДПМНЕ. Во математиките за зголемување на мнозинство власта во ниту еден случај не калкулира да остане без Беса. Но, како што вели висок функционер на СДСМ, за тоа ќе се разговара по изборите.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, брифираат дека новото мнозинство нема да се случи ден по изборите, преку ноќ, туку дека станува збор за процес. За нив е важно и во вториот круг да продолжи трендот и дека пратеници од помалите партии од коалицијата на Заев ќе преминат кај нив. Комуникација со пратеници од спротивниот табор има уште сега, вели тој, додека суштинските разговори ќе се водат по изборите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот