Во Карпош има околу 80 хаварисани возила за кои не може да се најде решение за дислокација

Рацете на општинарите се врзани кога е во прашање отстранувањето на хаварисаните возила од јавните површини. Ова денеска во Утрински брифинг го изјави Филип Даскаловски, координатор на советничката група на СДСМ во Општина Карпош.

-Ние преку месните заедници поставуваме соопштенија до граѓаните за да ги отстранат хаварисаните возила од јавните површини. Одредуваме и временски рок, за колку време тоа да го направат, но овие акции не се во целост успешни, од причина што некои од сопствениците се иселени од општината и од државата. Во тој случај, и Град Скопје и Општина Карпош имаат врзани раце да направат било што во врска со тоа. Ние имаме и иницијатива, преку Градот, а во соработка со ЈП Градски паркинг, да ни се овозможи да ги користиме услугите на претпријатието за подигање на возилата и нивна дислокација на друго место. Во моментов сме во потрага по плац на кој што би можело да се однесат хаварисаните возила, вели Даскаловски.

Тој вели дека во Карпош се мапирани околу 80 хаварисани возила, а проблемот настанува кога се справуваат со оставени и напуштени возила кои немаат регистарски ознаки, така што е невозможно да се најде сопственикот.

Проблематиката со хаварисаните возила најпрвин била дел од Законот за јавна чистота, а потоа дел од Законот за безбедност во сообраќајот, но, според нашиот соговорник оваа проблематика има законски недоречености, поради што ги спречува општините во постапувањето со хаварисаните возила.

-Потребна е законска измена за точно да се дефинираат работите и да може да се реши проблемот со законските недоречености за да може во иднина секоја општина да има поголеми ингеренции во решавањето на овој комунален проблем, нагласува Даскаловски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот