ВО ДЕТАЛИ: Што препорача Венецијанската комисија?

Правните експерти на Советот на Европа, по речиси една година и одговорија на Владата на барањето за мислење за Законот за употебата на јазиците. Тие им пишаа на македонските власти дека со новиот закон, албанскиот јазик во некои делови од општественото живеење на државата е прешироко. Тоа особено се однесува во законските одредби за употребата на други јазици во судските постапки. Венецијанската комисија предупредува дека ќе се забават судските постапки, што е спротивно со правото на судење во разумен рок.

Според Венецијанската комисија, законодавецот треба да го преиспита Законот за јазиците во делот на отстранување на одредбите во законот што се однесуваат на двојазичноста во судските постапки. Да го измени чл. 3 од Законот со кој се обезбедува употреба на албанскиот јазик во внатрешната и внатре-институционалната комуникација преку ограничување на неговиот опсег во делот на писмената официјална комуникација.

За употребата на двојазичните амблеми на униформите на армијата, полицијата и слично, Венецијанската комисија констатира дека нема релевантни меѓународни правни стандарди. Законот е нејасен и во делот каде албанскиот јазик се смета за официјален јазик (сите органи на централната власт, јавните претпријатија, агенции, директорати, институции и организации, комисии). Не е јасно дали се вклучени и приватните компании – поштенските услуги, компаниите за транспорт, болници, градинки, медиумски куќи и слично.

Пишува и дека е екстремно широк опфатот на водењето на постапките пред јавните институции на македонски и на албански јазик (изборен процес, образование, наука, здравство, култура, полиција, радиодифузни активности, нотарски работи, инфраструктура, граѓански регистри, лична документација, финансии, економија и др.). Според правните експерти на Советот на Европа, македонскиот Устав ја утврдува употребата на немнозинскиот јазик како индивидуално право, а не како обврска.

Членовите на Комисијата уште предупредуваат дека наметнувањето на употреба на албанскиот или на кој било друг малцински јазик врз граѓаните (на јавната администрација, судските постапки, лични документи) е повреда на индивидуалното право на слободата на изразување. Комисијата има забелешки и во висината на паричните казни. Препорачува нивно намалување или одложување на нивната примена.

Од Венецијанската комисија пишуваат дека уставноста може да ја цени само Уставниот суд на Македонија. Посочуваат и дека македонските власти треба да направат и детална студија за причините кои предизвикаа одредени проблеми во примената на законот за јазиците од 2008 година.

Со 64 гласови ЗА, минатата година во март, Собранието го усвои Законот за употреба на јазиците во тензична атмосфера. Во јануари оваа година Владата ја испрати целосната содржина од Законот за употреба на јазиците на мислење до Венецијанската комисија. Тогаш од владата информираа дека во писмото што како прилог е проследено до претседателот на Венецијанската комисија, Џани Букичио, пишува дека испраќајќи го Законот и алтернативата на членот 8, Владата очекува мислење по истите од аспект на нивната усогласеност со европските стандарди и со принципот на владеење на правото.

„Членот 8, кој не влезе во законот, предвидува и парите, поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи, фактурите и бандеролите, да бидат напишани, освен на македонски, и на албански јазик“.

Законот за употреба на јазиците беше објавен во Службениот весник на 14 јануари годинава само со потпис на претседателот на Собранието Талат Џафери со укажување дека тоа се прави бидејќи претседателот на државата Ѓорге Иванов одбил да го стори тоа. Законот двапати беше изгласан во македонското Собранието на 11 јануари и на 14 март минатата година, но Иванов одби да го потпише со образложение дека е противуставен.

Со законот се предвидува во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик, покрај македонскиот и неговото писмо да биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо.

Албанските партии ги „рушат“ препораките за Законот за јазици на правните експерти од Советот на Европа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот