Во чест на Мајка Тереза на местото на паднатото дрво ќе се засади ново

На местото на паднатото дрво, едно од трите засадени од Мајка Тереза, кои се извишуваа веднаш до нејзината спомен-плоча, ќе биде засадено ново, од ист вид. Ова го најави директорот на ЈП „Паркови и зеленило“ Ангеле Сотировски, откако екипите на претпријатието вчера го исекоа дрво од видот сребрена смрча кое падна за време на невремето кое го зафати Скопје изминатиов викенд.

 Дрвото е откорнато со видливи оштетувања на главниот коренов систем, како и оштетувања на крошната. Покрај сите оштетувања беше невозможно дрвото да се врати во првобитната состојба и да се сочува. Поради тоа, дрвото е отстрането од локацијата. Жалиме за ова што се случи и штом временските услови овозможат на местото на паднатото дрво ќе засадиме исто такво во спомен и почит на животот и делото на Мајка Тереза – вели Сотировски.

Тој нагласи дека временските услови се најповолни за садење во перидот од октомври сѐ до почетокот на ноември.

Претходно, откако дрвото беше отстрането од зеленото плато пред ГТЦ, каде падна под налетот на ветрот и дождот, реагираа од Одделот за наследство на Гонџа Бојаџиу – Мајка Тереза. Тие апелираа ова дрво да се врати на местото каде што беше, но како што велат, наместо да се санира состојбата и да се врати дрвото во првобитната положба, тоа е пресечено на неколку делови, натоварено во камион и однесено во непознат правец, па побараа одговорност за стореното.

Фирмата која ги извршила овие дејствија, направила варварски чин врз објект кој припаѓа на наследството на Мајка Тереза, бидејќи се работи за ела засадена од нејзина рака во 1980 година. Затоа ИДКНА – Одделот за наследство на Гонџа Бојаџиу – Мајка Тереза итно бара од општинските и централните власти да започнат процедура за преземање одговорност за сторителите на овој грозен чин – се вели во реакцијата на ИДКНА.

Оттаму додаваат дека Одделот за наследство на Гонџа Бојаџиу – Мајка Тереза веќе подолго време во форма на елаборат бара да се прогласи наследство на Мајка Тереза за национално богатство во одбрана на државата, и во рамките на ова барање инсистираат државните институции да постапат според нормите кои се предвидени против сите што го оштетуваат културното и духовното наследство.

Бараме од надлежните на Град Скопје што поскоро да засадат уште една ела, но со поголеми димензии, каде што ќе биде изгравирана белешката дека Мајка Тереза засадила ела на местото кое било нејзин дом – велат од ИДКНА – Оддел за наследство на Гонџа Бојаџиу – Мајка Тереза

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот