ВМРО-ДПМНЕ задушена во џудо-зафатот на Мицкоски

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Глетката кога куче си ја брка сопствената опашка е она што се нарекува трагикомичност: концентричните вртења со неуспехот да се дофати сопствениот задник ги има сите елементи на класичната бурлеска; истовремено, животинчето не е виновно што нема познавања од елементарната геометрија („прашања поврзани со големината, формите и релативната позиција на фигурите во просторот“), дополнително искомпликувано со вртењето во круг, што е по малку тажно…

Во тоа се претвора опозициската иницијатива за блокирање на пописот: со неприфаќањето на уставното име на државата, опозицијата не може ни институционално да комуницира со државните инстанци, заради што не може да се формализираат нејзините иницијативи за институционално делување, во рамките на пропишаните закони. Трагикомично вртење во круг.

Но, ако претседателот на опозицијата не го прифаќа уставниот поредок во државата, што треба да прават пратениците од неговата партија во Собранието на Република Северна Македонија или партиските претставници и членови во други државни органи и тела кои се помирија со уставната „реалност“?

Што е стратегијата на таквото опозициско делување? Да се руши власта вонинституционално, по улици и на Фејсбук? Па, на овој начин, опозицијата нема да може да прифати ни одење на редовни или вонредни избори, бидејќи нема кој друг да ги распише тие избори, освен институциите на државата кои се задолжени за тоа, а во чиј наслов стои уставното име на државата… Планираат со некаков јуриш („народот“!) да ја освојат власта?

Тоа е таа стратегија на ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ за „колку полошо, толку подобро“. Се враќаат на истите методи и теми заради кои ги изгубија сите претходни избори откако паднаа од власт, а и поддршката на најголемиот дел од домашната јавност и целата меѓународна демократска заедница. После се чудат, а всушност ликуваат, зошто сме на листите на „хибридните демократии“ во светот.

Со ваквата постапка на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ се формализира бојкотот на пописот. Но, тоа веќе и не е темата за сериозен разговор – темата се враќа на долгата низа неодговорни постапки со кои се прави обид Македонија да се доведе до внатрешна нестабилност, што лошо се одразува на нејзините економски и социјални перформанси и остварувањето на меѓународните интегративни аспирации. Блокирањето на влезот во НАТО не успеа, но за отежнување на интеграцијата во ЕУ не се губи надеж.

Тоа значи дека, наместо да се занимаваме со вистинските проблеми на македонското секојдневие, повторно ќе се „исукаат“ старите расправи за „предавниците“, Преспанскиот договор, референдумот, бегалецот… Колосално губење време, со однапред познат крај.

Таквата политика потсетува на џудо-зафат со кој г. Мицкоски – суверен носител на „жолт-накај-бел“ појас во политиката – се надева дека власта ја гуши легната на подот, но всушност поефикасно ја задушува сопствената партија, заради што редовно ги предава мечовите со тропање по душекот, трагикомично бркајќи си ја „опашката“ на своите промашени политики. Како оваа со пописот.

Извор: Цивилмедиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот