Властите во Приштина го вратиле од граница директорот на српската канцеларија за Косово, велат поради говор на омраза

Фото: Архива на СП

Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово појасни вечерва дека на директорот на Канцеларијата за Косово при Владата на Србија, Петар Петковиќ, му е забранет влезот во земјата, поради говорот што тој го користи, а кој е спротивен на меѓудржавните договори потпишани со посредство на Европската унија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението на косовското МНР се наведува дека „директорот на таканаречената Канцеларија за Косово при српската Влада е предупреден дека неговиот говор е во спротивност со спогодбите (меѓу двете држави) и следствено на тоа води кон одбивање на барањето за влез во Косово”.

-Постојано повторуваните ставови на Петковиќ во однос на Република Косово се со крајно дезинформирачки и пропагандистички карактер и имаат за цел предизвикување омраза. Неиздавањето дозвола за посета се заснова на перманентното непочитување од страна на Петар Петковиќ на договорот во врска со меѓусебните посети на политичките претставници, потпишан во Брисел меѓу Република Косово и Србија, се вели во соопштението.

Властите во Приштина денеска, по деветти пат од почетокот на минатата година, го одбија барањето на Петковиќ за посета на Косово, но за последната одлука до вечерва немаше образложение за причините зошто му е забранет влезот во земјата.

Петковиќ, според државната српска телевизија РТС, денеска, по повод верскиот празник Крстовден, требало да присуствува на свеченоста на отворањето на плоштадот во Северна Митровица што ќе го носи името на браќата Милиќ, близнаци кои страдале како припадници на српските сили во војната во Косово во 1999 година. Тој исто така во градската болница требало да посети млад Србин, за кого српските медиуми тврдат дека бил нападнат и ранет со нож од косовски Албанци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот