Владика Партениј: Странските дипломати секогаш одеа прво во црква, па на семејна трпеза, а за нас гозбата беше приоритет

фото: МИА, Епископот Антаниски г. Партениј, во неговото Слово пред гостите во Бигорскиот манастир за време на Бадниковата вечер

Епископот Антаниски г. Партениј, игуменот на Бигорскиот манастир во неговото Слово пред гостите во манастирот за време на Бадниковата вечер, во пресрет на Христовото раѓање – Божиќ изрази задоволство од големото присуство на верници.

„Кога доаѓав наваму, монасите ми кажаа дека имаме многу гости. И како и секогаш, во мене почувствував голема возбуда и благодарност поради тоа. Зашто, не го наследивме сето ова што го имаме сега. Ние не го наследивме овој сјај што сега го гледате во манастиров. И не ми се важни ѕидините и инвентарот во манастирот, туку овој сјај што го гледам во вашите очи, блесокот што го забележувам во вашата желба да бидете со Христа. Оти, некогаш Манастирот беше празен. И не само овој Манастир, туку и повеќето од храмовите низ нашата држава беа празни, кажал владиката“, објави Бигорски манастир.

Меѓу другото го опишал односот кон овој празник и како го славеле странските амбасадори уште во 90. години од минатиот век, а како тоа го правеле македонските политичари.

„На многумина им беше некако издегустирано и здосадено да слават Нова Година по кафеани, на плоштади, по кафулиња, без никаква смисла и цел. И кога ќе слушнеа дека таму некаде во манастир се славела Нова Година на некаков поинаков начин, со некакво си бдение, тоа им се чинеше интересно. Некои доаѓаа дури и од чисто љубопитство и некако со подбив: „Што ли ќе прават сега монасите в манастир за Нова Година? Па ајде да појдеме и да видиме“. И така почнаа да доаѓаат, па ќе се сретнеа со монасите, ќе се запознаеја и полека-полека, сѐ повеќе и повеќе млади влегуваа во верата“, додал игуменот на Бигорската обител.

Се потсетил и на анкета од пред три децении.

„Се сеќавам на една анкета, некаде во 1991 или 1992 година, кога новинари ги прашуваа странските дипломати во државата како го прославуваат Божик во нивните земји. И сите тие, Англичани, Французи, Германци, Американци што ги имавме тука, одговорија дека наутро прво одат на миса, на богослужба, а потоа на семеен ручек. Кога ќе ги прашаа, пак, нашите, тие велеа: „Божик е празник за семејна средба и ручек“. Ништо повеќе. Ни Бог, ни богослужба. Дури и веднаш ќе ги кажеа рецептите и јадењата што ги јадат за Божик. Значи, толку беше заборавен евхаристискиот живот кај нас, што за Рождество в црква се одеше можеби само за да се запали една свеќа и ништо повеќе“, посочил владиката.

Тој со порака дека човекот може да биде среќен само тогаш кога во љубовта ќе се сретне со својот Создател.

„И најважно, да Го пресретнеме Христа и да Го затвориме во своето срце до крајот на животот. Така ќе бидеме најбогатите луѓе, бидејќи Он е најголемото богатство што можеме да го примиме, не е само за овој свет, туку и за во идниот. Да сте ми благословени и убав Божик“, посакал владиката Партениј на Бадниковата вечер во големиот манастирски синодикон, при пеењето на Божикните каланди.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот