Владата во Белгија ќе одлучи дали и какво олеснување на мерките ќе има во земјата: Научниците предупредат дека сѐ уште е рано

epa08984317 A view of a COVID-19 vaccination center in Molenbeek suburb in Brussels, Belgium, 03 February 2021. The Molenbeek vaccine point opened with five lines and is able to vaccine more than 1,000 people a day as soon as vaccine doses arrive. EPA-EFE/OLIVIER HOSLET

За една недела Владата во Белгија ќе одлучи дали и какво олеснување на мерките ќе има во земјата, додека научниците денеска одржаа прес конференција да предупредат дека сѐ уште е рано и ризично, јави дописничката на МИА од Брисел.

Во пресрет на министерскиот совет в петок, научниците во Белгија ги презентираа разните математички сценарија кои се очекуваат врз основа на неколку фактори: интензитетот на новите мутации на вирусот, климата и вакцинацијата.

Белгија, за разлика од повеќето земји во Европа, задржа строги мерки од ноември, без олеснување за време на божикните празници, и успеа за сега да избегне трет бран. За сега индикаторите се стабилни и значајно подобрени во споредба со вториот бран, но сепак ризикот останува голем доколку мерките се олеснат премногу и пребргу, предупредуваат научниците.

Конкретно, доколку се олеснат мерките на први март ризикот од зголемување на стапката на хоспитализации е споредлива со почетокот на вториот бран, додека пак ако се олеснат мерките на први април, кривите се многу поумерени според математичарите. Трет бран сепак би можел да се случи во ова сценарио но со помал интензитет отколку со олеснување на први март.

Најпозитивното сценарио е олеснување од први мај, но прашање е дали економијата и граѓаните би прифатиле толку драстична одлука со оглед на тоа дека Белгија е една од ретките која е под постојани рестрикции од ноември.

Премиерот на земјата, Александер Де Кро, кој учествуваше на денешната прес конференција на научниците, порача дека треба да се носат одлуките врз основа на научните факти, а не на личните мислења, и оцени дека дури и во март не е исклучено умерено олеснување со постојан надзор врз бројките.

Иако ситуацијата во Белгија е значајно подобрена, таа е далеку од ситуацијата во јуни минатата година, кога болниците и интензивната нега беа речиси целосно растоварени.

Ив Ван Латем, епидемиолог од кризниот штаб за Ковид-19, предупреди дека вирусот расте експоненцијално и во многу кус рок. Доколку се олеснат мерките прерано, на вирусот му се потребни само неколку дена за повлече трет бран и да направи огромна штета, изјави епидемиологот.

На ова треба да се додаде фактот дека заразноста на британскиот сој сѐ уште не е доволно позната, а треба да се биде внимателен и со другите соеви, од Бразил и Јужна Африка, знаејќи дека се можни и нови мутации.

Британскиот сој во Белгија за сега претставува околу третина од инфекциите, но бројката може да се зголеми. Белгија очекува наскоро и да се зголеми ритамот на вакцинација. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот