Владата ги замрзна и цените на оризот, јајцата и тестенините

Фото: ЕПА/ЕФЕ

Владата на Република Северна Македонија на денешната 127. редовна седница ја дополни Одлуката за определување највисоки цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало со три нови основни прехранбени производи: ориз, јајца и тестенини.

Согласно одлуката, и цените на овие производи се замрзнуваат на ниво на цените до 1 декември и ќе важат до 31 јануари 2022 година, со цел да се превенираат евентуалните поскапувања на основните прехранбени производи.

На оваа седница, со која претседаваше првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, беа утврдени измените на Законот за Царинската тарифа со кои се предлага намалување на царинските стапки за одредени стоки кои како суровини или репроматеријали се користат во домашната индустрија.

Со донесување на овој закон всушност ќе се реализира Мерката 17 од петтиот сет економски мерки за ревитализација на економијата во услови на КОВИД-19, како и за поголема усогласеност со Царинската тарифа на Европската унија и во делот на царинските стапки, а притоа имајќи ги предвид и правилата на Светската Трговска Организација.

На денешната седница е утврден и Предлог на Закон за гаранција на Република Северна Македонија за обврските по финансискиот договор наменет за финансирање на проектот „Интерконектор за пренос на природен гас Грција – Северна Македонија, делот на Северна Македонија“, кој ќе се склучи меѓу Европската инвестициона банка (ЕИБ) и АД за вршење на енергетски дејности Национални енергетски ресурси Скопје, во државна сопственост.

Со овој предлог-закон, Република Северна Македонија го гарантира исполнувањето на обврските од Финансиски договор меѓу ЕИБ и АД НЕР за финансирање на проектот „Интерконектор за пренос на природен гас Грција – Северна Македонија, во делот на Северна Македонија“, во износ од 28.900.000 евра, во рокови и услови предвидени во Финансискиот договор.

Заемот може да се повлекува во најмногу 10 транши, при што минималниот износ на траншата изнесува 3.000.000 евра, а рокот за отплата на секоја транша од заемот, може да изнесува од четири до 25 години од датумот на повлекување на траншата, со вклучен грејс период кој може да биде меѓу 30 дена и пет години од датумот на повлекување на траншата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот