ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Скерлев: Помина времето кога во Англија се гласаше на чесен збор

Жанета Скерлев / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Лондончани се подготвуваат за локални избори. На 2 мај ќе излезат да кажат кој сакаат да им го води градот. Понудени се 13 кандидати меѓу кои и актуелниот градоначалник Садик Кан. За тоа како изгледа предизборието и изборите во еден космополитски град зборувавме со Жанета Скерлев, колумнистка и дописничка од Лондон за „Слободен печат“.

– Се гласа во цркви, училишта, сали, на повеќе места. Нашето гласачко место каде што јас живеам, во Вимблдон, е во црква. За да се пријави некој за кандидат за градоначалник има правило да даде однапред 10 000 фунти, како влезница за трката за градоначалник, собира и потписи од избирачи со секоја општина од градот. Оваа година за првпат ќе се гласа без тоа да се одбира прв и втор избор за градоначалник како што беше досега. Кандидатот што ќе собере мнозинство од гласовите од 9 мај ќе биде градоначалник на Лондон – вели Скерлев.

Таа раскажува и за тоа дека во Англија со години наназад, се до пред овие избори сега, се одело на гласање без да се покаже документ за лична идентификација.

– Одам јас да гласам кажувам која сум, кажувам адреса и ме подвлекуваат на списокот. Досега во Англија се гласаше на доверба без да се покажува документ за лична идентификација. Сега е поинаку. Неодамна во една изборна единица се случија многу изборни марифетлуци, се појавуваа луѓе и гласаа во туѓо име. Видоа Англичани дека довербата не може да опстои во еден космополитски град. Сега оваа година за првпат ќе треба да покажам документ дека сум јас-јас. Може пасош, возачка дозвола или картичка за јавен превоз, картичка од библиотека, документ на кој има ваша фотографија која треба да биде од поново време – рече Скерлев.

Во Англија во предизборие и за време на избори медиумите известуваат, но не нè преоптоваруваат со непотребни информации, вели Скерлев.

– Јас сум фрапирана од тоа тука како партиите ги доминираат вестите и ги доминираат насловните. Кај нас не е така, кај нас треба нешто големо да се случи за да биде тоа насловна или воопшто се биде тоа вест. Никогаш не се зело здраво за готово, партиите можат што сакаат да кажат, но тоа прво добро се проверува пред да се одлучи дали ќе се објави како информација за јавноста. Еве и сега, кандидатите за градоначалник за Лондон гледам многу внимаваат што ќе кажат – рече нашата соговорничка.

Целиот разговор погледнете го во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот