ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Јана Клопчевска: Научниците треба да му служат на народот, а ние како иноватори да решаваме проблеми
За првата био-технолошка лабораторија, био-отпадот и сите придобивки од неговата обработка, како и молекуларната гастрономија во „Слободен печат“ зборувавме со проф. д-р. Јана Клопчевска, која е научник, иноватор, претприемничка и професорка на Технолошко-металуршкиот факултет. Жена која активно учествува и работи на покревање на еко свеста особено кај младите луѓе и верува дека иднината на светот зависи токму од биотехнологијата.
– Светски тренд, па и кај нас е тренд дека научниците треба да служат на народот. Ние како иноватори сме во функција да ги подобриме работите, иновација значи решавање на некој проблем. Ние ги решаваме општествените, социјалните проблеми, што и да е, секој во своето поле. Кај нас е интересно, она со што јас се занимавам последниве неколку години, а тоа е науката да почне да се доближува до граѓаните, „citizen science“ или „научниците во служба на народот“.
Тоа го правиме веќе неколку години, со најразлични проекти, јас работам со студентите и многу сум горда на нив, дека ги вклучувам во сите проекти што имам. Дали биле тоа проекти со индустрија, дали биле проекти со стопанство, или најактуелна, отворената градска лабораторија. Сметам дека новото „IT“, е биотехнологијата, бидејќи сè што е поврзано со некакви микроорганизми, со скоби технологии, со користење на микроорганизмите кои се присутни, ќе треба да ги искористиме за да добиеме тоа што сакаме – вели Клопчевска.
На прашањето каде сè може да се користи био-отпадот, што може да добиеме од него и во која индустрија може да најде примена, професорката Клопчевска објасни дека може да се користи буквално во секоја индустрија.
– Од био-отпад можеме да добиеме био-цемент, можеме био-гас, био-дизел, брикети за греење… Претходната седмица ја презентирав Отворената Градска Лабораторија и сите прототипи што ги имаме на еден интересен „кафе фестивал“, каде се присутни граѓаните. Многу интересни играчки направивме, коишто не се токсични за деца. Во соработка со една компанија направивме нов вид на текстил од подлогата од микрогринз кај што се произведуваат, бидејќи се фрлаа. Значи, сè што е остаток од индустрија, односно, сè што генерираме, од хотели, ресторани, кафулиња, претпријатија, кој и да генерира има можност да донесе отпад во Отворената Градска Лабораторија – вели Клопчевска.
Молекуларнта гастрономија или уметноста во дизајнирањето на храната е нешто што е тренд насекаде во светот, а со помош на вештината на професорката Клопчевска и нејзините студенти го имаме и кај нас.
– Молекуларната гастрономија започна како еден од концептите на прехранбената технологија да биде апликативна и да бидеме креативни. Тоа е некој вид на дизајнирање на храна. Заедно со студентите почнавме да работиме и до сега имаме околу 130 успешни настани за помали и поголеми реномирани компании во Македонија. Најинтересно е тоа што храната ја гледате во различна форма. На пример, шопската салата, ние ја правиме во вид на кавијар, тоа се ситни малечки перли и ја служиме на краставица. Тоа е буквално уметност, применета технологија, наука за храна. Сите тие техники ги користат познатите шефови ширум светот во ресторанското послужување, а ние се држиме до светските трендови и повторно одиме и ги доближуваме до граѓаните, за да знаат што значи тоа – објаснува Клопчевска.
Остатокот од разговорот со Јана Клопчевска можете да го погледнете на следниот линк: