ВИДЕО| Жителите на пограничните места не сакаат издувни гасови, транспортерите на „кружна патека“ до ЕУ

Лошата вест е што европскиот коридор Е70, oсобено граничните премини меѓу Хрватска и Србија, станува сообраќајно тесно грло на континентот во последните години, особено за време на летните или на зимските одмори. Македонските транспортери бараат реципрочен одговор од нашите институции

Македонските транспортери бараат од нашите институции да излобираат тие да добијат ист третман со нивните српските колеги, односно да може да ги користат помалите гранични премини за транзит низ Србија. Причината е забраната за возила над 7,5 тона на граничниот премин Шид (Србија) за превозници што ја транзитираат територијата на Србија, што деновиве создава огромни колони и чекања од неколку денови за излез од нашиот северен сосед. Неофицијално забраната доаѓа поради негодувањето на населението од местата околу овој граничен премин, главно поради бучавата и загадувањето. Слична ситуација лани имаше и со Хрватска, потсетува за „Слободен печат“ Билјана Муратовска од „Макам транс“, но проблемот годинава е надминат, а се јави нов – овој пат со Србија.

– Лошата вест е што европскиот коридор Е70, oсобено граничните премини меѓу Хрватска и Србија, станува сообраќајно тесно грло на континентот во последните години, особено за време на летните или зимските одмори. Низ него особено во средината на август поминува многубројната дијаспора, особено турската, албанската, но и оние од поранешните југословенски републики, кои патуваат од Западна Европа во својата татковина. Кога на тоа ќе се додаде значителниот број патници од регионот што го користат овој автопат за пократки релации и огромниот број камиони што превезуваат стока во двата правци низ овие европски коридори, ќе добиете ситуации како онаа во изминативе денови. И сега што правиме со Отворен Балкан, кога на желбите и добрите намери се спротивставува актуелната инфраструктура – објаснува Муратовска.

Од Асоцијацијата стапиле во контакт со здруженијата од Србија и од Хрватска, а испратиле и реакција до нашето Министерство за транспорт и врски.

– Нашите информации велат дека одлуката на српските власти е на барање на мештаните околу граничниот премин Шид, по што се поставени знаци за забрана за движење на товарни моторни возила над 7,5 тона за да се намали фреквенцијата на движење на возилата близу населени места. Српското Министерство за транспорт објави и одредени транзитни коридори, но не е јасно наведено дека постои каква било пречка за транзит низ Србија на граничниот премин Шид – додава Муратовска.

Од Асоцијацијата веќе разговарале со ресорното министерство, а доставиле и допис до Владата за воведување реципроцитет за странски превозници за забрана за движење на товарни моторни возила над 7,5 тона на граничните премини Меџитлија и Дојран, но нема повратен одговор.

– Отворен Балкан не смее да биде за едни мајка, а за други маќеа. Иако го разбираме револтот на српските граѓани од малите места, но зарем истото не го трпат и граѓаните на Дојран, или на Меџитлија, кога среде туристичка сезона им се врвчат тешки камиони и испуштаат издувни гасови – прашува Муратовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот