ВИДЕО: Заев го посети опожарениот трговски центар „Глобал“

Премиерот Зоран Заев и градоначалникот на Струмица Коста Јаневски денеска го посетија опожарениот трговски центар „Глобал“.

-Струмица ја затекна сериозна катастрофа и несреќа, преку пожар кој изби синоќа во доцните часови. Има огромна материјална штета, нанесени се непоправливи економски штети, рече Заев откако направи обиколка во „Глобал“.

– Добро е што нема повредени, нема изгубено човечки животи и тоа е најважно, се друго се надоместува, рече Заев, кој упати благодарност до Територијалната противпожарна едницица во Струмица која со шест возила и 38 луѓе го гаснеше пожарот.

– Уште од утре организираме масовна солидарна акција и за расчистување и возобновување на Глобал и солидарна акција со финансиско помагање со сите можни аспекти кои ни стојат на располагање, пред се како држава, Влада, секако како Општина, но и како граѓани во духот на солидарноста, потенцира Заев, додавајќи дека е убеден оти многу брзо ќе го вратат Глобал во нормала и сите граѓани кои имаат уништено имот ќе им го вратат во првобитната состојба.

Апелира до деловните луѓе кои имаат свои ресурси на располагање уште денеска да ги прават плановите да го расчистат теренот, но откако за тоа ќе дадат согласност јавниот обвинител и МВР, бидејќи внатре е се уште забрането влегување.

Градоначалникот Јаневски рече дека е среќна околност што нема човечки жртви и вети оти се што е материјална штета со поддршка на централната власт ќе надоместат.

– Се сретнавме предмалку со здружението на субјектите кои работат во Глобал. Тие веќе имаат свои видувања и ставови, да почекаме да заврши овој период на изнаоѓање на причините за оваа несреќа, проценка на евентуалните штети и ќе почнеме со соработка со организација на она што се вика помош за секој од нив, рече Јаневски, кој се заблагодари на противпожарната единица Струмица, за нивната професионалност, и до општините кои покажаа солидарност.  

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот