ВИДЕО: Со полициски ленти заградени приватните автобуси на крстосниците, превозниците добиле и закани

Приватните автобуси заградени со полициски ленти/Фото: Слободен печат

Додека политичките партии се препукуваат кој стои зад протестот на приватните автобуски превозници кои четврти ден ги блокираат клучните три крстосници во главниот град со своите автобуси, извори на „Слободен печат“ тврдат дека ноќеска превозниците добиле закани да се откажат од блокадите, но нема да си заминат додека не им се исплати заостантиот долг.

Нивните автобуси поставени на раскрсниците кај Црвен Крст, кај Мавровка и кај Владата ноќеска се обиколени со ленти „стоп полиција“ што не беше случај претходните денови од протестот, а поставени се и метални бариера покрај возилата.

-Интервентна полиција доцна синоќа ги посети приватните шревозници. Возачите се исплашени, утре можеби веќе нема да бидеме тука, сами ќе си отидеме! – изјави еден од возачите кој во три часот утрово испрати порака до редакцијата на „Слободен печат“

-Дојдоа среде ноќ за да наместат железни рамки околу автобусите, бевме исплашени, не знаевме што се случуваше, ова е тортура …. неверојатен притисок за рушење на демократското право кое припаѓа на секој граѓанин во оваа држава, сведочи друг возач за „Слободен печат“.

За тоа дека автобусите се оградени со полициски ленти и со метални рамки покажува и видеото снимено претпладнево на крстосницата кај Бит пазар, една од трите кои ја блокираат приватните автобуски превозници.

Партиски препукувања за хаосот во Скопје

Колку што трае протестот на приватните автобуски превозници, толку траат и препукувањата на релација ВМРО-ДПМНЕ – СДСМ кои меѓусебно се обвинуваат за колапсот на превозот во главниот град и кој има поголема поврзаност со повиканата градоначалничка Арсовска и организаторите на протестот.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски побара неотповиклива оставка на Данела Арсовска од градоначалничката функција во Град Скопје и одземање на нејзините ингеренции за јавниот градски превоз во Скопје и подмирување на долгот кон приватните превозници, од страна на Владата.

-Смачена им е на скопјани. Данела Арсовска покажа целосна неспособност да управува со Скопје, покажа целосен недостаток на слух за проблемите, и со својата лукративност предизвика хаос во Скопје. Тајните средби со Ковачевски и креирањето на монструозноста Тачела, предизвика целосен колапс на македонската метропола, рече Стоилковски.

Тој повика Владата да ја напушти „монструозната креација, коалицијата на Ковачевски и Арсовска за бугарските бизнис и политички интереси“.

-Ничии интереси и провизии не смеат да остават цели семејства на возачите на автобуси без леб на маса, Скопје без нормален сообраќај, а жителите со ограничено движење! Нема одговор за набавката на бугарските автобуси кои според нашите сознанија го турка коалицијата Тачела, рече Стоилковски.

-Со одземањето на ингеренциите, бараме да се провери и можната улога на Драги Митковски во управувањето со ЈСП, како и ревизија на договорот за набавка на гориво за ЈСП со невообичаени високи цени, склучен со фирма на пратеник од владејачкото мнозинство, повика портпаролот на најголемата опозициска партија.

Владејачката СДСМ одговорноста за блокадите и хаосот што му се случуваат на Скопје го лоцира единствено кај Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.

-Заминувањето на Ленин Јовановски како еден од организаторите на протестите е само провидна игра на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ. И градоначалничката и претседателот и мнозинството во Советот на Град Скопје, и директорите и членовите на управните одбори се поврзани со ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ги имаат сите механизми да ја прекинат блокадата и тоа треба да го сторат веднаш, соопштија од СДСМ додавајќи дека Мицкоски треба „да се покрие од срам за сето она што му го прави на сопствениот град, на своите сограѓани“.

Ленин се повлече од протестите

Вчера првиот човек на здружението на приватни автобуски превозници „Слобода превоз“, Ленин Јовановски,  најави дека лично се повлекува од протестите и блокадите во Скопје – ќе ги остави самите превозници да протестираат бидејќи неговото име се користело за политички цели.

Од друга страна другото приватно претпријатие „Макекспрес превоз“ кое вршеше превоз на патници во Скопје  вчера испрати соопштение во кое нагласува дека не е организатор на протестите.

-На улиците со своите возила се приватните превозници кои бараат средба со градоначалничката Данела Арсовска и исплата на заостанатиот долг. Раководството на „Макекспрес превоз“ не знае до кога ќе траат протестите, дали ќе се прошират на други улици и во кој формат ќе се протестира од причина што не е организатор на истиот“, се наведува во соопштението.

Генералниот секретар на Град Скопје, Зоран Глигоров го повика МВР да реагира и согласно законски овластувања да преземе мерки за блокадата на градските крстосници бидејќи Град Скопје нудел решенија кои превозниците не ги прифаќале.

-Меѓутоа, на некого тие решенија очигледно не му одговарале дали заради злоупотреба или политички влијанија допрва ќе видиме. Се надевам за многу краток временски период тоа ќе излезе пред лицето на вистината. Во оваа насока, а со цел заштита на јавниот интерес, го повикуваме МВР да реагира согласно законски овластувања да преземе мерки, бидејќи од еден приватен личен интерес врши штета на градот, на граѓаните како и сите чинители и жителите на градот Скопје, рече Глигоров.

Тој пред новинарите одби да одговара на прашања за блокадите туку само информираше за новиот јавен повик за приватни превозници кои ќе ги опслужуваат линиите „20“ и „22“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот