ВИДЕО: Рома ја освои Лигата на конференции, Мурињо испиша историја во Тирана

Рома е првиот шампион во Лигата на конференции/Тирана, Албанија/25 мај 2022/Фото: EPA-EFE/Malton Dibra

Фудбалерите на Рома се првите освојувачи на Лигата на конференции, вечерва во Тирана (Албанија) славеа против Феенорд со 1:0.

Тоа е првиот европски трофеј за Рома уште од 1961 година кога го освои Купот на саемски градови. Во меѓувреме беше финалист во 1984 година кога загуби во Купот на шампионите, и во 1991 година во Купот на УЕФА.

Римската „волчица“ триумфираше против Холанѓаните со голот на Никола Заниоло во 32 минута, и на тој начин тренерот на италијанскиот клуб Жозе Мурињо стана првиот кој успеал да ги обедини сите трофеи во УЕФА меѓународните натпреварувања.

Португалецот успеа да ги освои Лигата на шампионите, Купот на УЕФА/Лига Европа и Лигата на конференции.

Иако по само 15 минути го загубија повредениот Хенрик Мхтаријан, играчите на Мурињо успеаја да стигнат до минимална предност во првите 45 минути по одличната комбинација на Манчини и Заниоло.

Рома мудро ја препушти иницијативата на Феенорд, како што завршуваше првото полувреме, тензијата се почувствува на теренот, а во една од ситуациите жолт картон доби Лоренцо Пелегрини.

Првата сериозна прилика Феенорд ја имаше дури во 41 минута, кога шутираше Кокчу, но не успеа да го совлада Руи Патрисио.

Веќе во 47 минута Феенорд имаше две чисти можности за израмнување. Прво имаа статива, а потоа по вториот обид реагираше Патрисио и ја испрати топката во корнер.

Во 50 минута беше видена најубавата шанса на натпреварот кога по одличен удар Патрисио ја одби топката до стативата, а потоа и во корнер. Тоа беше единствениот начин да се запре ваков шут во намерата да не заврши во мрежата.

Феенорд продолжи да напаѓа и сериозно да го загрозува ривалот, но Рома успеа да се одбрани.

Рома умешно го искористи падот на концентрацијата на Феенорд, римскиот клуб само повремено се закануваше, на почетокот од 86 минута се закани Пелегрини, но голманот на Феенорд реагираше правовремено. Во втората минута од продолжението холандскиот претставник за малку ќе израмнеше по невнимателната реакција на Крис Смолинг.

На крајот Рома триумфираше со 1:0, а покрај трофејот си обезбеди и настап во групите на Лига Европа за следната сезона 2022/2023.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот