Видео разговор на Шекеринска со нашиот медицински тим во Авганистан: Вашата работа е од голема помош за државата

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска оставри разговор преку видео врска со нашиот медицински тим во Авганистан, кој работи во состав на норвешкиот медицински контингент како дел од мисијата „Одлучна поддршка”.

Како што информира Министерство за одбрана, во разговорот, на кој присуствуваше и норвешкиот одбранбен аташе Егил Далтвеит, биле разменети информации за работењето на членовите на тимот и за целокупната мисија која се одвива низ блиска соработка со норвешки медицински експерти. Од страна на претставникот на нашиот тим, специјалистот ортопед Атанас Поп-Стефанија е направена и виртуелна тура низ болницата.

 

– Се радувам што успеавме идејата за оваа соработка со Норвешка толку бргу да ја направиме реалност. Ви честитам на издржливоста и храброста, особено што мисијата се совпадна со периодот на пандемија, а вие сте далеку од вашите семејства. Разговарав со норвешкиот колега за заедничко повлекување на целиот тим од Авганистан кога за тоа ќе дојде време, а фокусот ќе биде на безбедноста на сите припадници на мисијата. Вашето присуство во Авганистан е првиот чекор во изградбата на наш македонски медицински капацитет за вакви НАТО операции, изјави министерката Шекеринска и ја нагласи одличната соработка со Норвешка која токму денеска  резултира со донација од 100 респиратори.

Министерката уште еднаш ја искажа својата осуда што мисијата на нашиот воено-медицински тим беше мета на политички подметнувања и ширење лаги за неговите членови и го истакна ставот дека е непримерно Армијата и здравството да се користат во политички пресметки.

 

– Можете да бидете горди, вашата работа во Авганистан е од голема помош за нашата држава и за здравството, порача министерката Шекеринска.

Специјалистот-ортопед Поп-Стефанија, од своја страна, рече дека тимот работи во одлични услови, се чувствуваат добро и нема никакви проблеми.

– Наидовме на одличен прием кај нашите норвешки колеги, тие одлично се грижат за нас, и среќни сме што со нашата работа стекнуваме драгоцено искуство и учествуваме во изградба на воено-медицински капацитети на нашата држава, рече Поп-Стефанија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот