ВИДЕО: Пеколот во Тетово ја пеплоса Македонија

Тетово пожар
Тетово, 9 септември 2021 / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Загинаа вкупно 14 лица. Во ковид-центарот во тој момент имало вкупно 26 пациенти, останатите 12 се на лекување во тетовската болница и се надвор од животна опасност. Немало настрадани здравствени лица, неколкумина се со полесни повреди.

Во Тетово вчера сѐ уште се чувствуваше мирисот на палеж, а сета македонска јавност и натаму е во шок од огромната трагедија што се случи на самиот ден на прославувањето на јубилејот од македонската независност – најмалку 14 луѓе загинаа, а неутврден број се повредени во страотниот пожар што изби во Тетовската болница и за неполн половина час го пеплоса монтажниот објект во кој беа сместени тешки пациенти што се лекуваа од ковид-19. Јавноста од минута во минута ги следеше потресните вести и сведочења, многубројни новинарски екипи се најдоа на местото на настанот, како и највисоките државни функционери. Официјалното соопштение за бројот на жртвите стигна дури вчера изутрината, а причините за пожарот сѐ уште се испитуваат. Во меѓувреме Владата прогласи тридневна жалост, најави дека експерти од странство ќе помогнат во истрагата, а во текот на целиот ден од сите страни пристигаа изјави со сочувства за настраданите.

Министерството за здравство соопшти дека во завчерашниот пожар во ковид-центарот во Тетово загинаа вкупно 14 лица. Во ковид-центарот во тој момент имало вкупно 26 пациенти, останатите 12 се на лекување во Тетовската болница и се надвор од животна опасност. Немало настрадани здравствени лица, неколкумина се со полесни повреди.

Командирот на противпожарната служба во Тетово, Ука Алити, вчера за „Слободен печат“ раскажа како дошло до страшната несреќа и како пожарот е изгаснат.

– Веднаш штом го добивме повикот, сите пожарникари се упативме на местото на пожарот. Почнавме да спасуваме пациенти, но, за жал, вадевме и мртви тела. Некои од нив беа многу изгорени, така што беше тешко да се препознаат. Морам да кажам дека многу ни помогнаа лекарите и медицинските сестри, кои го ризикуваа сопствениот живот само за да се спасат што повеќе луѓе – рече Алити.

Тој вели дека во спасувањето учествувале и граѓани, а не ја исклучи можноста тие да биле блиски роднини на пациентите.

Најпотресно беше сведочење на Сашо Трајчевски, заменик-командир на Пожарната во Тетово.

– Повикот за пожарот беше во 21.02 минути. Излеговме веднаш со 7 возила и 30 пожарникари. Од сите страни беше блокирано, додека се гаснеше, се вадеа мртви, можеби некои луѓе беа и живи. Сè беше во пламен, луѓето ги вадевме сосе креветите. Ги ризикувавме и своите животи. Имаше експлозии, пожарот брзо се ширеше. Некаде во 21.45 успеавме целосно да го изгаснеме пожарот – раскажува Трајчевски.

Граѓаните раскажуваат дека било ужасно, се створил голем метеж околу болницата, имало многу роднини на болните кои се обидувале да помогнат, а се зборува дека меѓу настраданите имало и една девојка што влегла во објектот обидувајќи се да ја најде својата мајка, но не успеала да излезе. Друга тетовчанка, пак, раскажа дека успеала да го извлече својот татко, болен од ковид, и тоа низ прозорец. Пожарникарите не можеа да ги потврдат овие тврдења на граѓаните, но не исклучуваат дека имало такви ситуации.

Неџмедин Алити, 37-годишен фудбалер од Тетово, кој синоќа меѓу првите луѓе истрчал на местото на пожарот во модуларната ковид-болница во Тетово и учествувал во гаснењето, раскажува за страшната глетка.

– Сè се случи многу брзо. Беше како да пука бомба. Бев тука во 21.10 часот. На самото место имаше пожарни, полицајци. Половина од болницата беше зафатена од пожарот и јас бев тука да гаснам, не влегував внатре, други влегуваа. Страшно, се слушаше пукање, експлозии. Пожарот беше толку јак што и хеликоптер да дојдеше да го гасне од горе, не ќе можеше – ни раскажа Алити.

Очевидец на несреќата, кого го затекнавме вчера во Тетово, вели дека изминатата ноќ била пеколна.

– Излеговме надвор кога го видовме пожарот, од третиот прозорец од внатрешната страна. Истрчавме да помогнеме, јас се јавив на службите на ЕВН. Заедно со колегите истрчавме да ја исклучиме струјата. Што можевме да помогнеме, помогнавме, тоа што можевме да спасиме, спасивме. Се слушаше плачење, врескање, навистина беше страшно – рече очевидецот Џемил Зибери.

Поради трагедијата, Владата вчера прогласи тридневна жалост на територијата на целата држава. За денови на жалост се прогласени четврток, петок и сабота, и во тој период се откажани многу најавени политички активности, како и културно-уметнички, забавни и спортски настани, а државното знаме секаде е спуштено на половина копје. На половина копје се и знамињата во македонските амбасади и во дипломатско-конзуларни претставништва во светот.

Тридневна жалост прогласи и Општина Тетово, која најави и помош за семејствата на настраданите. Црвениот крст на Република Северна Македонија вчера соопшти дека во знак на солидарност на семејствата на загинатите во пожарот во ковид-центарот во Тетово ќе им додели еднократна парична помош во висина од 30.000 денари.

Исто и Владата најави помош за семејствата на настраданите, во најкраток можен рок, а ја прифати и понудената помош на дел од сојузничките сили во НАТО да испратат во земјата стручни лица со највисок степен на експертиза во истраги за пожари за да помогнат во утврдувањето на причините за пожарот во модуларниот ковид-центар во болницата во Тетово.

Владата во соопштението им се заблагодарува на сите држави од регионот, од Европа и од светот за изразеното сочувство за трагичниот настан.

Пендаровски: Нема индикации дека пожарот е подметнат

Според информациите од надлежните, досега не постојат индиции дека пожарот во модуларната ковид-болница бил намерно предизвикан – изјави вчера во Тетово претседателот Стево Пендаровски.

– До овој момент нема никаков индикатор дека ова е направено намерно со цел да се постигне некаква друга политичка цел. Меѓутоа, велам, тоа е во овој момент и се разбира тоа ќе ви го каже денеска или наредниве денови надлежниот јавен обвинител. Обвинителот ми рече дека ќе им даде многу кратки рокови, веројатно пет дена за секоја институција, и ќе излезе со збирен извештај во кој ќе се види прво што е причината за пожарот, и второ, дали зад тоа евентуално стои човечка грешка – рече претседателот Пендаровски.

Тој смета дека имаме доволно стручни кадри во сите институции што се инволвирани во оваа т.н. повеќеслојна истрага.

– Јас мислам дека за кратко време ќе ја знаеме вистината. Јавно да кажам, до овој момент, бидејќи имаше и такви шпекулации, јас ова утро разговарав на пример со претседателот на Словенија, Борут Пахор, тој ме праша исто, има различни шпекулации дека е можеби подметнато, дека можеби има врска со 30 години независност, дека има некакви конспирации за тоа. До овој момент нема никаков индикатор дека ова е направено намерно, со цел да се постигне некаква друга политичка цел – рече Пендаровски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот