ВИДЕО: МНТ како куќа на стравот – паѓаат лустери, дупки на плафонот, протекува од сите страни

Фото: Слободен печат/Ристе Пејовски

Ќе бидат ли скопјани, уште еднаш сведоци како пред нивните очи исчезнува Стариот театар?

Со 1.200.000 денари добиени преку програмата за санација на објекти од културата, Министерството за култура деновиве помага да се санираат дупките во Македонскиот народен театар. Барем само дел од нив, најургентните, терасата и фоајето под неа.

Ако не се среди тоа, Музите на уметностите поставени на оградата од терасата може лесно да се најдат долу и да загрозат нечиј живот.

Санацијата започна во петокот но, не се погодија временските услови па по утринскиот припек следуваше пороен дожд кој продолжи и викендот и ги усложни градежните зафати во МНТ.

Со оглед на тоа што станува збор за новоградба, дел од мегаломанскиот проект „Скопје 2014“, објектот на староновиот грандиозен театар почна да ги покажува првите знаци на уништување кратко по пуштањето во употреба во 2013 година.

Фото: Слободен печат/Ристе Пејовски

Почна да се гради во 2007, налик на Стариот скопски театар – тешко оштетен од земјотресот на 26 јули 1963, а потоа и урнат – и беше завршен по 7 години перипетии, анекси на анекси и разни други проблематични договори поради кои под лупа на обвинителството беше ставена поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска. Вкупната сума во тие години надмина 37 милиони евра, но скопјани главно постарите беа задоволни што се врати велелепниот објект што буди спомени од нивното детство.

Како одминува времето станува очигледно дека градбата не ги задоволува основните критериуми за квалитет на изведба и избор на материјали. Ветерот, дождовите, топлото но и премногу студено време ги открија сите недостатоци на објектот кој сега ги мами погледите на случајните минувачи кои забележуваат дека над бетонот, наместо мермер стои обложен стиропор. Имитациите и импровизираниот кичест декор доминира и во внатрешноста на театарот кој е прв од низата репрезентативни објекти креирани од претходната политичка гарнитура со цел да се смени целосно ликот централното градско подрачје во склоп на тогашното еуфорично навраќање кон култот на Античките Македонци. 

Паѓаат лустери, дупки зјаат од плафонот

Зградата буквално се лупи и пука по сите шевови. Од МНТ во неколку наврати се побарани средства од ресорното Министерство за култура за итна санација на објектот што и се случи со програмата за 2021 година каде, но за жал се предвидени само овие милион и 200 илјади денари за да се спаси терасата и фоајето кое поради неа прокиснува.

Фото: Слободен печат/Ристе Пејовски

Глетката од внатрешноста на зградата на Театарот наликува на сцена од хорор филм. Откачени лустери, жици што висат, прокиснат покрив, излупени ѕидови, вода тече од таванот и се собира во кофи. Небаре објектот е стар над 30 години и бил оставен на забот на времето.

-Проблемот со десната страна на фоајето не е само естетски, туку и безбедносен. Може да настрадаат вработените или публиката. Поради лошата изведба на објектот од старт почнува да се собира вода на терасата која понира во зградата и си бара пад. Во 2017 година беше поплавено фоајето, вели директорката на МНТ Симона Угриновска за „Слободен печат“.

Со оглед на тоа што на 7 јули годинава се одигра последната претстава, овој летен период, МНТ ќе го искористи да го санира објектот за да може од септември да ги отвори вратите за публиката со премиери и редовен репертоар. Ако тоа го дозволи пандемијата, секако.

-Според последните епидемиолошки мерки, беше дозволено присуство на публика до 30 проценти од капацитетот, но се надеваме од септември дека ќе примаме барем до 50 отсто публика и театарот ќе продолжи да работи, секако во побезбедни услови. Во меѓувреме останува да се средат и проблемите со климата во објектот, на која и откажа софтверот, да се премачка сцената, да се среди горниот и долниот погон на сцената и низа други работи врзани со тековното одржување на објектот, вели Угриновска.

Директорката резигнирано вели дека Министерството за култура располага со скромен фонд за санација на објектите од културата.

-Целиот објект е проблематичен и очекуваме и во наредниот период да добиеме средства за санација. Обично тие се наменети за санација на објекти стари 30-40 години, а нашиот е стар само 7-8 години и веќе се распаѓа. Но нема друг начин за финансирање на вака сериозни зафати, вели таа.

Поради пандемијата и техничките проблеми во внатрешноста и надворешноста на објектот, МНТ кој беше домаќин и на разни други манифестации и приватни настани мораше да ги затвори вратите и со тоа да загуби дел од дополнителните приходи за одржување на објектот.

Во некој нареден период на ред ќе дојдат приодите, оградите и плочникот околу МНТ, како и излупената фасада и прозорците на театарот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот