ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Проф. д-р Рубин Земон: Сиромашните се најмногу дискриминирани

д-р Рубин Земон - директор на центар за напредни истражувања / Фото Слободен печат / Драган Митрески

Дискриминацијата ја има во македонското општество и суштината за да биде спречена оваа појава на нееднаквост кај граѓаните треба да се препознава, пријави и санкционира лицето и институцијата што ја прави или да се измени законот односно правниот акт.

-Комисијата за спречување и заштита од дискриминација располага со податоците, а граѓаните главно се жалат на дискриминација по етничка припадност. Сметаме дека извесен број граѓани што доживуваат дискриминација не поднесуваат Претставки до комисијата или Народниот правобранител, односно не се жалат. Може да биде забележано дека предничи дискриминацијата по етничка припадност, потоа религиската и на крај е политичката припадност. Во Македонија е регистрирана дискриминација, а особено е карактеристична во мали и рурални заедници, спрема жените и постоела со децении. Лично сметам дека и натаму ќе продолжи зашто како фактор го гледам ниското ниво на образование, од една страна и постои законска неефикасност за нејзино намалување, односно спречување, од друга страна. Сегашната фактичка состојба укажува дека е многу мал процентот на тие што пријавуваат, а од вкупниот број пријавени случаи, Комисијата незначителен процент оценила дека има дискриминација, односно од 40 пријавени, дискриминација утврдила кај 7 случаи. Ова го изјави проф. д-р Рубин Земон, директор на Центарот за напредни истражувања во емисијата „Утрински печат“ на Слободна ТВ.

Во интерсекциската дискриминација во македонското општество предничи жена по потекло од рурална средина, религиозна, Албанка или Ромка и повозрасна. Едукацијата на населението за правата што треба да ги има секој граѓанин е еден од факторите што може да влијае врз подобрување на состојбите во оваа област, но за тоа да се случи граѓаните треба да бидат едуцирани за да може да ја препознаваат дискриминацијата.

-Во руралната средина овие идеи многу тешко може да дојдат и да се прифатат, а особено за еднаквоста во општеството меѓу припадниците со различни социо-демографски карактеристики. Руралната средина е затворена за вакви идеи особено спрема еднаквоста на жената, која ја погодува дискриминацијата и поради доминантната религиска припадност на членовите на заедницата, односно во семејството. Религиозните лидери на локално ниво имаат авторитет меѓу граѓаните кои сакаат да ја оддржуваат потчинетоста на едни членови наспроти други, а пред се, да не се менува позицијата на жената. Станува збор за типично патријахално семејство и за затворена рурална средина која не дозволува идеите и правната регулатива за еднаквоста на жената да дојдат до израз и да биде применета. Сакам да илустрирам со еден пример поврзан со образованието на учениците во Охрид, каде што дискриминацијата ја толерираат наставниците спрема учениците што се изјасниле како припадници на етничката група Египќани. Овие ученици се ставени во положба на гето, бидејќи е оневозможена комуникација и дружење со други деца или припадници на различни етнички групи и наставниот кадар ја толерира ваквата ситуација без намера да се промени. Суштината е на пример Ромите да бидат во интеракција со припадниците на другите заедници во општеството, а не да бидат изолирани и речиси да бидат во гето преку системот на основно и средно образование, -истакна проф. д-р Рубин Земон.

Општеството институции и граѓанскиот сектор треба да ги користат сите можни форми, како што се кампањи , средби со граѓани, трибини или работилници на кои би ги запознавале граѓаните за видовите дискриминација и за начините како да ги остварат своите права.

-Кампањата полека го губи своето влијание како форма преку која би се променила одредена општествена состојба. На пример невладините организации исто така, работат кампањски, односно неконтинуирано. Тоа значи се додека имаат проект да реализираат спроведуваат активности и од моментот кога престанува финансиската поддршка, односно проектот завршува, престануваат сите активности што дотогаш ги спроведувале. Практично со добивање грант од друга област престанува да ги интересира претходната област поврзана со дискриминација и состојбите на ваков начин не се менуваат на подобро. Потребната одржливост што се очекува по завршувањето на секој проект ја нема и затоа ефектите со време целосно се губат, иако додека се спроведувал проектот имало видливи резултати. Ние паметиме дека пред неколку години беа направени добри спотови за спречување на дискриминацијата со намера да се подигне нивото на свеста кај населението. Денес и оваа форма ја нема.

Довербата во институциите е клучна за да може граѓанинот што е дискриминиран да се пожали и да напише претставка. Оваа доверба се однесува на правосудните институции, граѓанскиот сектор и медиумите зашто преку нив граѓанинот може да ја оставри еднаквоста или да го актуелизира својот проблем.

-Мислам дека Народниот правобранител ужива доверба кај граѓаните кога станува збор за ваков вид прашања и реагираат веднаш со информација до наведената институција. За институцијата Народен правобранител треба да се каже дека располагаат со професионален кадар, како што се правници што реагираат на претставките од граѓаните. Сметам дека законите треба да бидат повеќе строги или ригорозни, а тоа значи да се даде надлежност на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација можност нивната препорака да биде извршно решение и граѓанинот да биде заштитен преку оваа форма, а не дополнително да оди во приватна тужба на суд,- истакна професор Земон.

Целото интервју со проф. д-р Рубин Земон погледнете го во видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот