ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Д-р Ракиќевиќ: Земјотресите не ги убиваат луѓето и не ги рушат зградите, прописи за градба постојат и треба да се почитуваат

Др. Зоран Ракиќевиќ - ИЗИИС / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Земјотресите се природна појава, а Турција е позната по тоа што е високо сеизмички активна и сеизмичкиот хазард или опасност таму е голем и ова што се случи е последица на активирање на источно анадолскиот расед кој може да генерира земјотреси со оваа магнитуда, вели во интервјуто за Утрински печат професор д-р Зоран Ракиќевиќ,  од Институтот за земјотресно инженерство и сеизмологија – ИЗИС.

-Земјотресите не ги убиваат луѓето, тие не ги рушат зградите. Зградите се рушат поради низа други причини кои треба да се погодат во исто време. Една од нив е неквалитетно проектирање и градење, но да не прејудицирам ништо однапред, за да се случат вакви работи, катастрофа од овие размери, влијаат многу фактори. Ослободена е многу енергија, магнитуда од 7,9 степени е голем земјотрес, релативно плиток – 17,8 километри и значи дека енергијата ќе се ослободи на помало подрачје, вели проф. Ракиќевиќ.

Поради големиот обем на рушење на станбени згради и бројот на жртви кој во Турција и Сирија надмина 22.000 загинати, инж. Ракиќевиќ се осврна на можните причини за катастрофа од вакви размери.

-За да се сруши зграда така, значи имала некоја мака. Доволно е одреден број на конструктивни елементи, столбови да попуштат и вие го имате тој ефект на рушење на палачинка, паѓање едно над друго и тоа е страотно и нема помош. Треба да имате среќа да бидете зафатен во некој џеб и ако дојдат спасувачките екипи навреме да ве извлечат, но бројката стигна над 12.000 жртви само во Турција и го надминува земјотресот од 1999 година во Измит и тогаш Турците ја научија лекцијата, вели проф. д-р Ракиќевиќ.

Тој додава дека оттогаш Турција има воведено сериозни прописи, но самите градби и процесот на градење е сложен процес, поврзан од повеќе делови и секој дел треба да биде испочитуван од проектирање, преку ревизија, надзор, градење, материјали, стандарди итн.

-Било кој од овие да потфрли го имате она што се случи. Нормално треба и да бидеме свесни дека сеизмичкиот ризик треба да се избегува и да се намали. Хазардот постои и треба да планира секоја држава тие подрачја да избегнува густо да ги населува. Не е само прашање дали објектот е добро проектиран и како е граден туку ако се начичкани толку многу објекти, рушењето на една зграда, може да предизвика рушење и на други објекти, вели инженерот и додава дека прописите се државни документи кои периодично се менуваат, а разорни земјотреси се случуваат еднаш во 500 или 1.000 години, па не може да се очекува во меѓувреме државата не може да проктира нуклеарни бункери.

-Не можеме да се бориме да ја победиме силата која ќе ја генерира природата, дециден е Ракиќевиќ.

Тој се осврна на опасноста од земјотресите во Македонија бидејќи е во зона на активни сеизмички дејства и посебно Скопје, поради се поголемата градежна експанзија и густо населување во скопското градско подрачје.

-Ние треба да научиме да живееме со земјотресите. Скопскиот земјотрес од 1963 година е добар лош показател, загина 1070 лица, 3.000 беа повредени, а штетата беше поголема од учеството на тогашната РМ во БДП на Југославија, огромна штета и мислам дека ја научивме лекцијата затоа што ние имаме добри прописи од 1964, 1981 година, а во паралелна употреба се еврокодовите кои се уште повисоко ниво и ние треба да се научиме да ги почитуваме и применуваме. Доколку работиме како треба, а не како мислам и она теза дека некои сакаат да ја протераат дека она што не е забрането е дозволено, е многу опасна. Прописите точно кажуваат како се проектира, како треба да се постапи, како да се прават деталите, како треба да се гради, кои материјали, како треба да се изберат итн. за една конструкција да биде сеизмички отпорна, вели Ракиќевиќ.

Целиот разговор со проф. д-р Зоран Ракиќевиќ погледнете го во видеото:

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот