ВИДЕО | Филипче: Гужви има во утринските часови, не знам дека имало инцидент на пунктовите

Во поликлиниката во Шуто Оризари каде е отворен нов пункт за вакцинација од изутрината се вакцинирани 40 луѓе. Има интерес, тоа е добро и верувам дека ќе продолжи и натаму. Отворањето на новиот пункт во населбата Шуто Оризари е со цел да се зголеми опфатот со вакцинација.

Ова денеска го изјави министерот за здравство Венко Филипче по посетата на пунктот. Тој рече дека денеска почна теренската вакцинација, а возила со мали фрижидерчиња согласно веќе направиот распоред од изутрината ги вакцинираат граѓаните со вакцина на „Синовак” во оддалечените рурални места, селата итн. и сето тоа е паралелно на процесот на вакцинација кој редовно се одвива во рамки на здравствените домови.

– Ова е процес кој ќе се одвива без прекин со распоред направен од здравствените домови. Распоредот ќе биде повторувачки значи нема да се оди еднаш во едно оддалечено село или населено место, туку тимот ќе ротира откако сите мали места еднаш ќе бидат покриени согласно распоредот и сето тоа ќе продолжи да се одвива и на терен. На овој начин значајно се олеснува пристапот на граѓаните до вакцина на буквално целата територија на нашата држава, истакна Филипче.

Додаде дека во сите рурални оддалечени места се одвива теренската вакцинација, ќе се вакцинираат сите кои бидат на местото одредено за вакцинација, а кои ќе покажат интерес во текот на денот и тоа ќе се повтори кога ќе заврши циклусот, кога ќе се поминат сите места одредени од здравствените домови.

Одговарајќи на новинарско прашање Филипче рече дека во неколку пунктови е регистрирана е гужва во утринските часови.

– Претпоставувам дека граѓаните сакаат да завршат работа порано додека е студено. Не знам дека имало инцидент. Се надевам дека нема да има. Мислам дека е добар систем да продолжиме без закажување за да биде што поголем интересот, пристапот, граѓаните во кој било дел од денот да можат да дојдат и да не бидат вратени и да се вакцинираат. Ќе разговарам со директорите на сите здравствени домови да видиме како да се организира редот. Ние се уште ги користиме ресурсите на Армијата и имаме механизми со кои можеме да направиме таков ред. Ќе видиме денешниот ден како ќе помине па кај треба ќе интервенирани, потенцира Филипче.

Појасни дека ставаат акцент на вакцинацијата како еден механизам за да се зголеми колективниот имунитет и да се спречи нов бран. Во Велика Британија, посочи, има огромен број случаи, но битно е дека нема смртни случаи и тоа е суштината.

– Така се и нашите политики восприемани со сите механизми кои ги имаме, кампањи, теренската вакцинација, за што поголем број граѓани да се вакцинираат. Веројатно ќе има и нови соеви на вируси, веројатно ќе има и нови мутации меѓутоа со рестрикции не може да живееме. Освен тие десеттина случаи кои ги најавивме пред некои време нема нови случаи. Тие случаи кои се дијагностицираа во Тетово се од бразилскиот сој. Значи буквално од сите мутации на вирусот има, но тоа не е само кај нас, туку насекаде и во регионот и ширум Европа и затоа го имаме овој пристап со кој го користиме овој инструмент кој лани го немавме, а тоа е вакцинацијата, за да се заштитиме од сите соеви, додаде Филипче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот