ВИДЕО | Андоновиќ: За Трамп Евреите кои го поддржуваат Бајден го мразат Израел

Анализа со Андоновиќ / Фото Слободен печат

Евреите кои гласаат за демократите се богохулници и не го сакаат Израел, изјави поранешниот американски претседател и кандидат на републиканците за претседател на САД Доналд Трамп.

Трамп во интервјуто дадено за неговиот поранешен соработник Себастијан Горка, ги коментираше критиките што истакнатите членови на демократската партија на САД му ги упатија на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за начинот кој тој ја води војната меѓу Израел и Хамас.

„Всушност мислам дека го мразат Израел“, рече Трамп. „Секој Евреин кој гласа за демократите ја мрази својата религија. Тој мрази сè во врска со Израел и тие треба да се срамат од себе затоа што Израел ќе биде уништен“, изјавил Трамп.

Некои од најдиректните коментари дадени од Трамп во врска со внатрешно-политичките последици од војната меѓу Израел и Хамас предизвикаа претходни изјави дадени од поранешниот претседател со кои се доведува во прашање „лојалноста“ на американските Евреи.

Џонатан Гринблат, извршен директор на Лигата против клеветата, еврејска група за застапување, изјавите на Трамп ги нарече „клеветнички“. Белата куќа ги исмејуваше како „отровни“, а кампањата на претседателот Џо Бајден го обвини Трамп дека „ги напаѓа американските Евреи во време на зголемен антисемитизам“.

Коментарите на Трамп дојдоа само неколку дена откако лидерот на мнозинството во Сенатот Чак Шумер одржа говор во кој го критикува Нетанјаху и повика на промена на политичкото раководство на Израел. Бајден позитивно зборуваше за говорот на Шумер, иако, барем не јавно, ја поддржува смената на Нетанјаху.

Сепак изминативе недели се погласни се критиките на сметка на Нетанјаху дека тој со начинот на кој ја води војната против Хамас директно му го загрозува реизборот на Бајден, бидејќи демократите губат гласови поради политиката на Израел.

Чак Шумер, лидерот на демократското мнозинство во американскиот Сенат и највисокиот политичар со еврејско потекло во САД, неодамна ги повика Израелците да одржат вонредни парламентарни избори и да гласаат за соборување на Нетанјаху од власт.

Шумер кој е функционер на Демократската партија познат по својата долгогодишна поддршка за Израел, минатата недела изјави дека „веќе никој не очекува од премиерот Нетанјаху да ги направи работите што мора да се направат за да се стави крај на циклусот на насилство, да се зачува кредибилитетот на Израел на светската сцена и да работи кон решение кое вклучува две држави (Израел и Палестина).

Американскиот претседател Џо Бајден го поддржа Шумер по неговата изјава за Нетанјаху, а NBC News вчера објави дека шефот на државата и идниот демократски претседателски кандидат бил бесен на состанокот одржан во јануари во Белата куќа кога слушнал како поддршката за Израел се одразува во анкети.

Се вели дека помошниците на Бајден презентирале податоци од истражувањата на јавното мислење во Мичиген и Џорџија, кои покажале дека рејтингот на американскиот претседател паднал поради начинот на кој тој ја третира војната на Израел против Хамас.

Станува збор за сојузни држави во кои Бајден пред четири години тесно го победи републиканскиот кандидат Доналд Трамп и не може да си дозволи да ја изгуби поддршката таму бидејќи очекува реванш со истиот противник во ноември годинава.

Американската телевизија го пренесува тврдењето на еден демократски политичар кој присуствувал на состанокот, кој рекол дека откако ги слушнал резултатите од анкетите, Бајден почнал да извикува пцости.

На внатрепартиските избори на Демократската партија, кои во меѓувреме се одржаа во Мичиген и Џорџија, противниците на политиката на Бајден кон Палестинците масовно ја заокружија опцијата „неопределен“ на гласачкото ливче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот