Ветото може да го тргне и техничката влада на Бугарија

Стефан Јанев
Стефан Јанев / Фото: МИА

Ако до декември Бугарија не добие стабилна политичка влада, можно е ветото во Брисел да го тргне и техничката влада, а влијание кон таквата разврска ќе има Франција и барањето на претседателот Емануел Макрон, смета професор Ружин.

Победникот на изборите во Бугарија, можниот иден премиер Кирил Петков, од вчера почна да разговара со партиите што освоија пратенички места за идната бугарска влада, која според тамошните аналитичари може да се очекува кон крајот на декември. Тоа би значело дека владата нема да биде формирана до состанокот на Советот на ЕУ на 14 декември во Брисел, кога има можност Бугарија да го тргне ветото од усвојувањето на преговарачката рамка за членство во ЕУ, но според некои наши познавачи на состојбите, постои шанса таква одлука да донесе и техничката влада на Стефан Јанев.

На такво мислење е и Нано Ружин, професорот и поранешен амбасадор во НАТО, според кого почетокот на преговорите до крајот на годината за Македонија и Албанија се на некој начин завршена работа.

– Во самата реакција на победниците во Бугарија се чувствува посмирен тон, како и сознанието дека идната влада треба итно да најде решение за проблемот со Скопје. Помирливиот тон ќе се потврди и со претседателот Радев, кој сè уште е, и до формирањето на владата ќе остане единствен субјект со политички легитимитет. Во наредниот период можно е да се направи обид и со преодната влада под водство на техничкиот премиер Стефан Јанев да се избоксува одлука. Ова би било под влијание на намерата на Макрон ова прашање да се  затвори до 31 декември и Северна Македонија и Албанија да ги почнат преговорите за членство во ЕУ.  Франција го презема претседателството со ЕУ од јануари до јуни, а во тоа време Макрон ќе биде во кампања за претседателските избори, во која нема да сака да зборува или да се занимава со теми за проширувањето, особено што како противник ќе има националисти и десничари од рангот на Мари Ле Пен – вели Ружин за „Слободен печат“.

Тој додава дека македонската страна треба да ја прифати идејата на Петков да се прошири составот на Мешовитата комисија со интелектуалци од различни области, со широки идеи,  затоа што, како што рече, „историчарите работат на нивен начин, работат на национални прашања и цело време се со страв да не згрешат“.

Копретседателот на „Промената продолжува“ Петков по победата на третите предвремени избори во Бугарија рече дека не треба да се урне целиот процес на добрососедство со Македонија и земјата да биде примена во ЕУ само врз база на еден критериум – историјата. Петков повтори дека за решавање на прашањето треба да се направат правилни работни групи во кои, освен историчари, ќе влезат луѓе од бизнисот, културата, инфраструктурата.

– Ако не се излезе со тимовите што ги знаат и предностите и проблематичните точки, нема како да се дојде до крајното решение – рече вчера Петков.

Тој е уверен дека нема да има проблем со коалициските партнери по прашањето со нашата земја и вели дека најлоша варијанта би било темата Македонија да се користи за политички пароли и цели.

– Ништо во овој живот не се прави со пароли, туку со работа, а за тоа е потребен тим – рече Петков.

Во врска со тврдењата дека САД вршат притисок врз Бугарија по тоа прашање, Петков рече дека не постои човек на планетата кој ќе крене телефон и да каже направете го тоа што ви го кажав.

– Единствениот начин некој да нè натера нешто да направиме е да нѐ убеди дека тоа е најправилно за Бугарија. На ниту еден друг начин тие не можат да влијаат – рече Петков.

Специјалниот пратеник на Владата Владо Бучковски смета дека брзо ќе се пронајде заеднички јазик со евентуалната нова бугарска влада предводена од Петков.

– Овој пристап што тој го промовира, за волја на вистината е форсиран од македонска страна, од моментот кога јас станав специјален претставник на Владата. Ја наследив веќе подготвената патна карта, која ја усогласивме и каде што се обидувавме преку активностите што ги правеше нашето МНР да бидеме многу попрагматични и многу попродуктивни. Веќе имаме документ што може да одговори на овие барања, мислам дека брзо би нашле заеднички јазик – рече Бучковски во гостување на „Телма“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот