Верувале или не: Има голем напредок во преговорите со Бугарија!

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Да барате, во која било денешна демократија, во сето ѓубре што се тркала по социјалните мрежи или низ „слободата на говорот“ на улиците, повод за заладување на односите меѓу државите, тогаш најдобро е веднаш сите да се откажеме од добрососедството и подобрата меѓусебна иднина.

Откако во последните две недели, заради шокот што со блокирање на македонската интеграција го предизвика во ЕУ, бугарската официјална политика доживеа тотална изолација и критика буквално од сите оние политички, општествени и медиумски инстанции во Европа кои за оваа тема имаа нешто да изјават. Бројни експертски и интелектуални гласови и во самата Бугарија излегоа со негативни оценки за начинот и причините заради кои Бугарската влада се одлучи за ветирање на отворањето на преговорите на ЕУ со Македонија.

Се чини дека во последните два-три дена тоа доведе до мала збунетост и ретерирање во официјалните бугарски позиции, каде нијансите во ставовите навестија продолжување на разговорите и во декември, после ноемврискиот бугарски  надворешнополитички дебакл. Борисов и понатаму молчи, неодмерените изјави на Захариева добија нешто „помека“ дикција и поинаков контекст, а дури и агентот-провокатор Каракачанов (кој е единствениот кој во целата оваа кажа нешто политички можеби и ќе ќари) почна јавно да се правда дека тие не се против Македонија, но од принципиелни причини морале да го поднесат ветото во европските институции.

Вчера ваквиот пресврт – силен е тој збор, но можеби не е неточен – доби и официјална потврда од самата Захариева. Таа (ако може да се верува на она што и како е пренесено во македонските медиуми), критикувајќи ја „антибугарската кампања во земјава“, го изјавила следново: „Ете, тоа е причината. Основната причина поради која не можеме да кажеме ‘ДА’ во овој момент. Затоа што 30 години не само што толерираат како политички елити, туку и стимулираат државна политика заснована на омраза, чиста омраза кон бугарскиот народ и кон Бугарија. Тогаш не можеш да бидеш подготвен за започнување на преговори.“

Ова, простете, но е голем напредок во преговорите од бугарска страна, бидејќи „основната причина“ не е повеќе ни јазикот, ни идентитетот, ни Тито, ни Сталин и сите големи етно-историски наративи со кои Бугарија нè почести во последните неколку недели, туку само „антибугарската кампања“ која тие ја оценуваат како „државна политика заснована на омраза“ кон Бугарите.

Е, па, за тоа тврдење навистина може да се разговара, па дури и меѓудржавно да се преговара! Со добри изгледи да се најде продуктивно решение за вака дефинираната „основна причина“ на „спорот“.

Без разлика колку се тие најнови ставови/квалификации на бугарската страна точни или неточни – а уште помалку е време да се објаснуваме заради кои причини емоциите во Македонија се силни и бурни – за нивно конструктивно „пресретнување“ од македонска страна навистина може и треба да се дадат сите неопходни пишани и вербални гаранции, заложби, анекси, дополнувања и сите други дипломатски форми на официјални „жими-мајки“ дека македонската држава го осудува и во никаков случај не стои (далеку било!) зад говорот на омраза (го има), навредите или клеветите (ги има) за бугарскиот народ и Бугарија во нашата земја. Можеби би требало да им се понуди на Бугарите тие да го напишат првиот драфт на тој документ, па потоа таквата декларација заедно да се „испегла“, до ниво на прифатливост и за нашата и за Бугарската влада.

Тоа е добра основа за продолжување на нашите добрососедски иницијативи, низ преговорите на државава за интегрирање во ЕУ, што би започнале во декември годинава.

Сепак, и покрај чувствителноста на нашите пријатели во Бугарија, тие треба да разберат дека Република Северна Македонија денеска е демократска, збудалена држава, во иста мера како и Република Бугарија, како и – да не набројувам до бескрај – најстарата формална демократија во светот, САД! Што значи дека да барате, во која било денешна демократија, во сето ѓубре што се тркала по социјалните мрежи или низ „слободата на говорот“ на улиците, повод за заладување на односите меѓу државите, тогаш најдобро е веднаш сите да се откажеме од добрососедството и подобрата меѓусебна иднина.

Оти, и кога ќе се потпишат ваквите гаранции, пак ќе има простаци и политички радикали кои ќе палат национални знамиња и ќе блујат „меѓудржавни“ навреди по сите можни основи, но тоа не смее да биде официјално поддржано (па, во најекстремните случаи, дури ни премолчено) од официјалните власти во двете земји. Во спротивно, ако „пречката“ за добрите меѓусебни основи ја спуштиме и ја формализираме толку ниско, тогаш секоја беззаба, неизмиена будала ќе може да ја прескокне сто пати на ден и да се замеша во официјалните политики меѓу државите.

Велам, ова важи доколку министерката за надворешни работи Захариева остане на тврдењето за „основната причина“ за сегашната блокадата. Тогаш е тоа, навистина, голем напредок во преговорите со Бугарија!

Преземено од: ЦИВИЛ Медиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот