Вечна дерби пресметка за билет во финалето на Купот

Најголемите ривали во македонската кошарка, Работнички и МЗТ Скопје вечерва (20.15 ч.) ќе се сретнат во полуфиналето на кошаркарскиот Куп кој се игра во Гевгелија. И двете екипи во вечерашниот дуел влегуваат со по девет трофеи од Купот и победникот ќе добие шанса прв да стигне до двоцифрен број на титули.

Двата тима во полуфиналето имаа лесна задача, Работнички со 104:80 го совлада Куманово, додека МЗТ Скопје имаше фуриозен старт (16:0), кој му овозможи на крајот да слави со 89:62.
Актуелниот шампион ќе мора да настапи без планираното засилување Ксавиер Џонсон, бидејќи МКФ не дозволи да се комплетира трансферот.

– МЗТ Скопје е тимот со најдолг ростер и тоа му ја дава и улогата на фаворит на овој турнир. Тоа не значи дека ќе се предадеме, напротив, ќе одиграме најдобро што знаеме, оние кои ќе настапат ќе го дадат максимумот и верувам дека можеме да стигнеме до победата – вели тренерот на Работнички, Марин Докузовски.

Во првото полуфинале (17.30 ч.) домаќинот Блокотехна игра против Гостивар. Во досегашните три пресметки сезонава, тимот на Гостивар славеше на сите три, но кошаркарите на Блокотехна се надеваат дека одличната форма во последниот период која им ја донесе и титулата во БИБЛ-лигата ќе биде главен адут со противникот кој е нерешлива енигма за нив сезонава.

– Мотивацијата е поголема од заморот, се чувствуваме подготвени за оваа куп-завршница и сонуваме ново финале по она во Тирана. Свесни сме за негативниот скор сезонава, но веруваме во себе, знаеме дека можеме да победиме и на тој начин да му вратиме на Гостивар за сите порази сезонава – изјави кошаркарот на Блокотехна, Младеновиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот