Ван Бастен по нацистичкиот поздрав доби „клоца“ од најпопуларната спортска видео игра
Ван Бастен кој работи како стручен аналитичар за холандската телевизија Фокс спортс додека беше во емисија кажа „Zieg heil“, добро познат нацистички поздрав.
Тој мислеше дека неговиот микрофон е исклучен и на крајот од разговорот помеѓу новинарот на Фокс спортс и тренерот на Хераклес, Франк Вортмунт, дофрли „Zieg heil“. Иако веднаш се извини за непримерниот гест, Ван Бастен почна да ги чувствува последиците од неговата несолена шега.
Телевизијата одлучи да го суспендира Ван Бастен на една недела, а неговиот хонорар беше дониран на Институтот за истражување на војни, Холокауст и геноцид.
Производителот и дистрибутер на видео игри, „Електроник Артс“ го исфрли неговиот лик од популарната игра ФИФА 20.
– Свесни сме за тоа што Марко неодамна го направи. Ние во нашата игра поттикнуваме и се залагаме за рамноправност и поради тоа ќе го исфрлиме Марко ван Бастен од играта – стои во соопштението на Електроник Артс.