УТРЕ ПРОТЕСТ ПРЕД ПМФ: Хемичарите бараат подобри услови за работа и нов кадар

Вработените и студентите на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет на УКИМ за утре најавија протест пред зградата на Институтот за хемија.

Протестот е закажан предпладне за време на паузата меѓу предавањата, кога според најавите заедно ќе излезат за јавно да го изразат своето незадоволство од условите за работа и студирање, кои во последниве десетина години, како што наведуваат, сѐ полоши и го доведуваат во прашање нормалното реализирање на високообразовната и научноистражувачката дејност на Институтот.

-Институтот за хемија се гордее со своето реноме на врвна високообразовна и научноистражувачка институција што е потврдено со сите параметри за оценка на овие достигнувања, но тоа веќе е неодржливо заради немање неопходни човечки и материјални услови за реализација на наставата и на научните истражувања – се наведува во соопштението.

Тие, како што информираат, ќе бараат да бидат итно одобрени барања за вработување на младите соработници од надлежните министерства за ублажување на катастрофалната состојба со подмладок на Институтот за хемија за да може да се реализира практичната настава, во буџетот догодина да бидат предвидени пари за реновирање и опремување на студентските лаборатории, како и за реновирање на зградата на Институтот, како и да им ги финансираат научноистражувачките проекти во кои, но да се вклучи и поддршка за млади истражувачи.

-Вработените и студентите на Институтот за хемија ќе продолжат, како и досега, вредно да работат на своето усовршување, но и понатаму ќе инсистираат на обезбедување на најдобри услови за тоа. Нашата цел е студирањето хемија и научните истражувања кај нас да бидат на ниво споредливо со светските универзитети, а квалитетното образование и наука да бидат врвен приоритет на државата без оглед на моменталната политичка состојба и гарнитура на власт – соопштија вработените и студентите од Институтот за хемија.

По протестот, вработените и студентите ќе се вратат на предавање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот