Нов циклус на грантови за земјоделците во Струмичко и Радовишко

Нови 250.000 евра во грантови ќе им бидат доделени на 50 земјоделци од Струмичкиот и Радовишкиот Регион како поддршка во воведувањето на модерни агро-еколошки мерки во производството на овошје и зеленчук.

Овој циклус на грантови, трет по ред во регионот, го најавија регионалната директорка на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) за Европа и Централна Азија, Мирјана Егер и Швајцарската амбасадорка во земјата Сибил Сутер Техада.

„Овде во сливот на реката Струмица, ги поставивме основите за една долгорочна трансформација на начинот на кој се користат водните ресурси, а модерните мерки во земјоделското производство кои се користат во Европската Унија и во Швајцарија ги претвораме во реалност“, изјави швајцарската амбасадорка Сутер Техада.

Застарените методи на производство се покажаа како неодржливи како од аспект на квалитетот на производите и приносот, така и од аспект на одржувањето природната рамнотежа на екосистемите.

„Охрабрени од резултатите што се постигнаа во пилот фармите во рамките на претходните циклуси на грант програмата, бројот на производителите кои ги усвојуваат новите методи постојано расте. Прекумерната употреба на агрохемикалии и нерационалното трошење на вода за наводнување доведоа до нарушување на природниот баланс на речниот слив. Но, на повидок се решенија кои ќе помогнат да се надминат овие предизвици“, рече Мирјана Егер, регионална директорка на УНДП.

Сливот на реката Струмица е еден од најважните земјоделски региони во земјата. Поради клучната важност на земјоделието, справувањето со проблемите поврзани со животната средина претставува главен приоритет, особено имајќи го предвид сѐ поизразеното влијание на климатските промени. За таа цел, обучени се голем број земјоделци, а во обуките и грантовите од страна на Швајцарската влада досега се инвестирани над половина милион швајцарски франци. Оваа поддршка се очекува да продолжи и во иднина.

Воведувањето на агроеколошките мерки, преку зголемување на ефикасноста на наводнувањето, исхраната и заштитата на земјоделските култури, има за цел и да ја подобри конкурентноста на земјоделските производи преку намалување на трошоците на производство.

Проектот за управување со сливот на реката Струмица го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), благодарение на финансиската поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка со вкупна вредност од околу три милиони швајцарски франци. Целта е подобрување на квалитетот на животната средина и управувањето со водните преку намалување на притисоците од различно потекло и ублажување на ризикот од поплавите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот