Уметнички дела со хуманистички предзнак од Страхил Петровски ќе бидат изложени во Словачка

Каталози за изложбата „Voices“ во Синагогата во Ступава

Македонскиот ликовен уметник Страхил Петровски со изложбата „Voices“ ќе се претстави во Синагогата во Ступава, Словачка. Изложбата ќе биде отворена на 23 септември.

Станува збор за циклус од дваесеттина дела со огромни димензии, замислени и поставени како просторна инсталација, изработени во техниката акрилик на хартија или комбинирана техника на хартија.

Круцијалните прашања што Страхил Петровски како мултидисциплинарен уметник ги поставува во своите дела, носат хуманистички предзнак, односно тој во (речиси) сите негови реализации постојано поаѓа од анализата на сите оние индивидуални-општествени прашања, кои во својот центар го имаат човекот и, се разбира, неговата интеракција и влијание како човек и уметник со/врз она што се нарекува човечност.

– Во делата на Страхил Петровски, било да станува збор за слики, цртежи, фотографии, дигитални отпечатоци, видеа, перформанси или нивна синергија, авторот многупати „говори во прво лице“. Но, преку сопствениот лик/присуство, Страхил Петровски не претставува само автопортрет, туку се обидува да нè врати кон Човекот кој создаден од Бога според сопствениот лик, е основата на сите нешта, било да се позитивни или негативни.

Наспроти природата што функционира на принцип на сопствените закони за креација и ре-генерација на енергија и живот, Човекот, кој е (навидум) свесно и духовно суштество, според креационистичките, еволуционистичките, бихевиористичките теории е виновник како за сета генеза и еволуција, така и за сето уништување.

Од друга страна, пак, различни видови на дуализам, можеби дури и вид на Декартов интеракционизам, е присутен во делата каде контрастите црно-бело, светло-сенки, присуство-отсуство, добро-зло, создавање-уништување…, не го дефинираат само рафинираниот авторски ракопис и визуелниот естетски впечаток, туку говорат за улогата на уметникот-човек или човекот-уметник, не само како Креатор, туку и како Коректив на постоењето и дејствувањето – истакнува историчарката на уметност и куратор на проектот Маја Чанкуловска-Михајловска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 197, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24.9.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот