Трамвај наречен фантазија

александар шољаковски
Александар Шољаковски, Фото: Архива

Останува новинарите да истражат колку пари се потрошени за фантазмот наречен скопски трамвај, колку тендери се направени, колку идејни проекти и решенија се нарачани, а особено колку чинат сите оние физибилити студии кои се редеа низ годините.

Како што се одвиваат работите, Скопје нема шанси било кога да има трамвај! (Или нешто слично.) Не затоа што овој изум од 19 век е недостижен, туку затоа што станува збор за – Скопје. Во таа намера или во тој проблем, скопјани не се снаоѓаат. (А особено нивните политички избраници.) Веројатно збркани од сите проекции, идеи и лаги за тоа како да се решаваат комуналните и други проблеми во градот, скопјани се однесуваат како да се прорекнати кога станува збор за реализација на повеќедецениската идеа.

Скопје, велат, имало трамвај на коњскa силa на преминот помеѓу 19 и 20 век. После тоа сè што се случува на овој план се само идеи(!?), ветувања, нереални исчекувања, празни ветувања. А имаше и добри идеи. Од зачувувањето на трасата на Пионерскиот воз  Градски парк – Сарај, до  искористувањето на трасата  на железницата која правеше прстен околу градското јадро.

Прекршувањето на апетитите и на нереалните очекувања од секоја гарнитура на власт се одрази и на несреќниот трамвај. Можноста да бидат преиграни во очекувањето решение, ги направи скопјаните некадарни здраво да размислат. И здраво да изберат. А не е дека немаат искуство. И тоа лошо. Барем она што го памети мојата генерации и оние близу до мојата.

Во раните седумдесетти имаше еден заем за патишта. Се собираа пари од граѓаните (пардон, од работниот народ) кои требаше во текот на годините и да им се вратат. Тогашната инфлација буквално ги изеде, а луѓето секоја година сечеа некои купони како гаранција за парите собрани под притисок на политичарите и на свеста на самоуправувачот и социјалистички определен граѓанин. Зезот го сфативме подоцна. Она што некогаш беа наши плати, достигнаа износ на два билети за кино и евентуално боза, после киното. Така се владееше и тогаш – со помош на трикови и измами. Исто како и сега.

Во доцните седумдесетти Скопје имаше и една високософистицирана измама гордо наречена самопридонес. Четири проценти од нашите бруто плати и од пензиите исто така, одеа секој месец низ четири години за изградба на спортски терени, базени, сали, игралишта (езерото Треска, впрочем). Што стана со нив? Нешто се запоседна, нешто се урниса, нешто се приватизира односно, се узурпира. Отприлика – како дошло, така отишло!  Но, она што збунува е отсуството на секакво чувство за отчет, полагање сметки. Сте сретнале ли некаде некој нешто да зуцнал за ова. Барем некој граѓанин кој би сакал да го заштити имотот во кој вложувал. Вложувачите не, но подоцна алчните градежни мафиози изградија објекти и повеќекратно ја зголемија вредноста на имотот кој го вложиле скопјаните во нивна изградба. Како ништо да немало таму. Тие ништо од тоа не ѝ вратија на истата таа скопска заедница. Интересот, каматата, овој пат не достаса ни за кино ни за боза. Ќе беше навистина гест да понудеа:  еден дел од ќарот нека оди за некоја општа цел. За трамвај, на пример.

Затоа не чуди што изјаснувањето на скопјани за нов самопридонес за трамвај тринаесетина години подоцна доживеа дебакл. На првиот референдум во социјалистичка Македонија, кога народот се изјаснуваше за член на југословенското државно претседателство (Тупурковски – Ставрев), скопјани гласаа и за самопридонес за трамвајот. Тоа е првиот официјален дебакл на трамвајот. Упатените полугласно велеа дека за овој неуспех се виновни самопридонесот за спорт и заемот за патишта.

Од ова неуспешно изјаснување се продолжи со натамошната тажна историја на скопскиот трамвај. Како и да варира називот, јасно е дека  идејата за комотен и ефикасен јавен транспорт и натаму ќе почека. Многу ќе почека! Освен ако острастените ловци на мито и провизии не решат да настапат, па – кај пукне нека пукне! И без тоа работата е доведена до пукање.

Во меѓувреме останува како примарна задача на истражувачките новинари да истражат колку пари се потрошени за фантазмот наречен скопски трамвај. Колку тендери се направени, колку идејни проекти и решенија се нарачани, а особено колку чинат сите оние физибилити студии што се редеа низ годините. Тие парички (ми рече на времето, во момент на слабост, еден политичар), се всушност и најслатки. Мислеше, провизијата е најголема и чиста работа – се оди преку странски банки. А студијата? На неа и онака сите забораваат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот