Трамп: Кога ги гледате овие лудаци по улиците, добро е да имате оружје (ВИДЕО)

Претседателот на САД, Доналд Трамп, на неговиот прв предизборен митинг во Тулса, Оклахома, на кој присуствуваа помалку луѓе отколку што се очекуваше, објави дека им рекол на членовите на неговата администрација да го намалат обемот на тестирање на коронавирус поради зголемениот број случаи во САД.

– Знаете, тестирањето е меч со две острици. Кога масовно тестирате, ќе најдете повеќе позитивни луѓе. Затоа им реков на моите луѓе: Ве молам, забавете го тестирањето, рече Трамп на предизборниот митинг. Неименуван претставник на Белата куќа, подоцна за Си Ен Ен изјави дека „очигледно претседателот се шегувал”.

Трамп, објаснувајќи дека вирусот има повеќе имиња од која друга болест, го спомна изразот „кунг флу” (кунг грип), што значи дека вирусот дошол од земјата на кунг-фу. Си Ен Ен оцени дека тоа е расистичка инсинуација, која алудира дека коронавирусот потекнува од Кина.

Американскиот претседател се осврна и на антирасистичките протести низ целата земја, критикувајќи го новиот тренд на уривање статуи на личности од колонијалната ера.

– Луда левичарска толпа се обидува да ја вандализира нашата историја, да ги уништи нашите споменици, нашите убави споменици, да урива статуи и да казнува, неутрализира и измачува секој што не ги почитува нивните барања да имаат целосна контрола. Ние не им се потчинуваме, рече Трамп. .

Американските медиуми посочуваат дека митингот на Трамп е одржан и покрај предупредувањата дека претставува здравствен ризик, бидејќи требаше да биде еден од најголемите собири во затворен простор за време на пандемијата на коронавирус. Но, во салата со 19.000 места имаше илјадници празни столици, а непосредно пред собирот беше соопштено дека во штабот на претседателската кампања има шест случаи на коронавирус.

Трамп се обиде да објасни зошто посетеноста била мала, велејќи дека за тоа се виновни медиумите кои повторувале „да не се доаѓа, да не се оди, да не се прави ништо”.

Тој истакна дека ќе го заштити правото на Американците да носат оружје.

-Кога ги гледате овие лудаци по улиците, добро е да имате оружје. Нашите луѓе не се насилни, но ако некогаш бидат, тоа би било страшен ден за другата страна, рече Трамп, ветувајќи дека ќе го заштити правото на граѓаните да носат оружје.

Портпаролот на кампањата Тим Муртаг истакнал дека демонстрантите „се мешале со приврзаниците“ во обид да влезат во митингот. Од друга страна, Ројтерс пишува дека не е забележано дека некој од приврзаниците на Трамп е спречен да влезе на митингот и дека просторот надвор кој бил предвиден да собере илјадници приварзници не бил воопшто исполнет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот