Тонино Пицула: Бугарија го користи членството во ЕУ за притисоци врз Северна Македонија

Тензиите помеѓу Софија и Скопје дефинитивно не се добри ни за македонското, а ни за бугарското општество, но очигледно дека постојат неодговорни и радикални политички опции, кои „паразитираат“ на националистички и на многу емотивни теми, вели хрватскиот европратеник Пицула во интервјуто за „Слободен печат“.

Хрватскиот европратеник Тонино Пицула важи за еден од големите познавачи на работата на Европскиот парламент (ова му е трет мандат), на состојбите во земјите од Западен Балкан, на иднината на Европската Унија – ангажиран е како известувач за стратегијата за нејзино проширување…

П: Пред извесно време, заедно со европарламентарците Шредер и Немец ги осудивте изјавите и заканите на вашиот бугарски колега Џамбаски како спротивни на основните начела на ЕУ и рековте дека тоа прашање ќе го отворите пред претседателот на Европскиот парламент и пред конзервативците. Може ли тој да сноси некакви последици?

– Со колегите Шредер и Немец издадов соопштение во име на групата на социјалисти и демократи во Европскиот парламент. Јасно го осудивме говорот на омраза и заканата што е спротивна не само на нашата култура на работа во Европскиот парламент, туку и на елементарните демократски вредности. Пратеникот за кој станува збор и претходно имаше проблематични испади, а беше и финансиски казнет поради фашистичкото салутирање за време на седница на Европскиот парламент. Освен тоа, имаше и шовинистички испади кон колешката Карима Дел и колегата Исмаил Ертуг. Сето тоа многу зборува за карактерот на пратеникот за кој зборуваме.

П: Бугарија, во однос на македонската евроинтеграција, ја смени стратегијата и наместо инсистирање на историските прашања се сврти кон почитувањето на правата на малцинствата, за што Македонија има одлични резултати. Како да се запре Бугарија во постојаните барања, каква може да биде улогата на ЕУ?

– Бугарија очигледно ја користи својата позиција на држава членка за да врши и формални и неформални притисоци врз Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ. По отстранувањето на ветото, сега на ред се очигледно други постапки, но со иста цел. Стандардниот начин на одлучување во ЕУ не исклучува ниту една држава членка од процедурата. Меѓутоа, правилото на одлучување со консензус често може да го комплицира и да го пролонгира носењето одлуки. Видовме во случаите со унгарските блокади поврзани со санкции за Русија и со помошта за Унгарија какви проблеми може тоа да создаде. Дополнителен проблем кај бугарските притисоци е и постоењето привремена влада, односно траење на една константна политичка криза на која не ѝ се гледа крајот. Во таква констелација на силите потешко е да се очекува некој похрабар исчекор на Софија, бидејќи такво нешто од страна на десницата и националистите веднаш би било прогласено за попуштање и предавство. Таквата ситуација, за жал, никако не ѝ оди во прилог на Северна Македонија. Се чини дека мораме пак да причекаме уште едни избори во Бугарија, со надеж дека ќе се искристализира јасен изборен победник со кој Скопје конечно ќе може да разговара за долгорочни политички одлуки.

П: Како Вие би ги коментирале актуелните тензии во односите меѓу Македонија и Бугарија, за кои прв повод беа имињата на бугарските клубови во нашата земја?

– Јас би рекол дека тензиите дефинитивно не се добри ни за македонското, а ни за бугарското општество, но очигледно дека постојат неодговорни и радикални политички опции кои „паразитираат“ на националистички и многу емотивни теми. Многу работи треба да се сменат во содржината и формите на комуникација за да се затворат отворените прашања од историски карактер меѓу двете соседни држави и двата блиски народи. Ваквата состојба секако го забавува европскиот пат на Северна Македонија, но ни малку не помага за попозитивна перцепција на Бугарија во ЕУ.

П: Македонскиот вицепремиер Бојан Маричиќ неодамна спомена идеја на организации, аналитичари и тинк-тенкови за брз влез на Македонија во ЕУ со замрзнато право на вето во првите пет-десет години или замрзнато право на комесар. Можно ли е такво нешто?

– Не сум сигурен дека таа идеја е разработена, но поради такви предлози без сомневање мора да се модифицираат и договорите за функционирање на ЕУ. Затоа не верувам дека воопшто тоа е реална опција. Уверен сум дека Северна Македонија треба да се стреми исклучиво кон полноправно членство во Европската Унија, а не кон супститути за такво членство.

П: Кога сега би говореле за Македонија, што би кажале, што треба државата да направи како приоритетна задача, борба против корупцијата, реформи, уставни измени, предвремени избори…?

– Сметам дека пред сѐ треба да се концентрира на добро познатите приоритети од Извештајот на Европската комисија, особено на борбата против корупцијата и реформа на правосудството. Нема сомнеж дека би било оптимално ако би се испочитувал и францускиот предлог, кој предвидува и уставни измени. Треба да се води сметка дека ова е последна цела година на работата на институциите на ЕУ во овој петгодишен мандат. Тоа значи дека би било добро за Северна Македонија токму оваа година да направи уште некој значаен исчекор пред европските избори во 2024 година.

П: За Западен Балкан се појавија многу иницијативи – Берлински процес, Отворен Балкан, Европска политичка заедница. Му требаат ли на регионот толку иницијативи за кои не знаеме колку се корисни?

– Она што го карактеризира Западен Балкан не е недостиг од различни иницијативи, бидејќи ги има доволно, туку недостигот на вистинска соработка и разбирање. Освен тоа, сите тие платформи не се ни исти со оглед дека имаат различни учесници, профили и механизми на соработка. Кон Отворен Балкан отворено сум скептичен. Сметам дека проектот на веќе одамна разработениот Берлински процес ја задоволува целта, инклузивен е и претставува логичен чекор во процесот на интеграција во ЕУ. Не е неважно и тоа што проектно вклучува и членки и нечленки на ЕУ. Што се однесува до Европската политичка заедница, тоа е геополитичка иницијатива на претседателот Макрон, но недоволно дефинирана и без некоја посилна логистика или структура. Потсетува на неформален клуб, но го гледам како потенцијално корисен во смисла на јакнење на безбедносно-одбранбеното опкружување на ЕУ, особено во нашето соседство.

П: Дали 2030 година е реална проекција на влез во ЕУ на земјите од регионот? Што ако Србија не го прифати планот за Косово?

– Во моите Препораки за нова стратегија за проширување на ЕУ што неодамна ја изгласа Европскиот парламент, покрај многуте други позитивни, но и критички ставови, за првпат ја дефиниравме 2030 година како временска точка кога сите тековни преговори за пристапување на државите кандидати мора да бидат заклучени. Меѓутоа, не гледам на хоризонтот некоја солуција по која сите држави од регионот би влегле истовремено, ниту верувам дека и сите актери би се согласиле на тоа. Верувам дека и натаму ќе важи принципот на регата, а не на конвој. Што се однесува до планот за Србија и Косово, сметам дека и во Белград стануваат сѐ посвесни дека неприфаќањето на договорот со Косово значи дополнителна стагнација на земјата, па и регресија. Верувам дека и покрај силните проруски сентименти и влијанието на Кремљ врз Белград, на режимот на Вучиќ му е јасно колку е значаен влезот на Србија во ЕУ. Србија е држава која поради својата улога во војните на просторот на поранешна Југославија, како и поради малициозната политика кон соседите има најмалку право на слични грешки.

П: Со години слушаме фрази од типот „Европа не е целосна без Западен Балкан“, „мир на Балканот, значи мир во Европа“, а од друга страна токму Балканот стана регион во кој Русија се обидува да го зголеми своето влијание и да предизвика сериозни проблеми. Во тој контекст колку ИНГЕ 2 Одборот е функционален во врска со надворешно мешање во сите демократски процеси во ЕУ?

– Како полноправен член на тој Одбор заеднички дејствувам со колегите пратеници од кои некои се исклучително заинтересирани за ситуацијата во регионот. Проблемот на деструктивното руско влијание на Западен Балкан сме го адресирале и во амандманите на најновиот извештај што би требало да биде донесен кон крајот на мај. Ја нагласувам важноста на работата на тој Одбор, кој во сегашните околности е поважен од кога било, потоа забележувам зголемен интерес по руската агресија врз Украина. На тоа влијаеше и неодамнешното откритие дека некои корумпирани пратеници го злоупотребувале своето влијание во корист на трети земји. Токму борбата против такви закани за демократијата мора да биде сѐ поизразен приоритет за Европскиот парламент и другите институции на ЕУ. Резултатот од нашите напори секако ќе го почувствуваме преку одѕивот и резултатите на идните избори за Европскиот парламент. Граѓаните сакаат нивниот глас навистина нешто да вреди, да можат да гласаат во безбеден демократски амбиент и на база на автентични, а не на лажни информации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот