ТАНЦОВ КОНТЕКСТ: Книга за сите оние кои ги интересира македонскиот танц

Интересни и поучни работи можат да се прочитаат во новата книга „Од Тешкото до македонскиот постмодерен танц“ на д-р Соња Здравкова – Џепароска, која суверено владее со теоријата на модерниот и постмодерниот танц на ова тло.

Согледувањето на значењето со анализа на толкувањето на традиционалниот танц „Тешкото“ е сместено во првото поглавје на новата книга „Од Тешкото до македонскиот постмодерен танц“ на д-р Соња Здравкова – Џепароска. Поглавјето е со наслов „Тешкото – културен идентитетски маркер на Македонците“. Шестата книга на Здравкова – Џепароска содржи седум поглавја во кои таа ги изложува своите истражувања и анализи на орото „Тешкото“, но и на 70-годишнината на Македонскиот балет, на интеркултурните комуникации на трасата Русија – Србија – Македонија, на македонско-хрватските кореографски релации, на колаборативните практики помеѓу македонската и словенечката сцена, на формирањето и развојот на македонскиот танцов театар, како и на (пост)модернизацијата на македонскиот танцов контекст. Соња Здравкова – Џепароска е вонреден професор на ФМУ и ако се земе предвид дека држи предавања по предметите Историја на танцова уметност, Историја и анализа на модерен и современ танц, Карактерни игри и Сценски движења, но и Дискурси на перформативна теорија на докторските студии, тогаш сосема е јасна нејзината стручна упатеност во темите што ги разработила во новата книга.

Од 30-ина текстови што биле земени предвид во книгата „Од Тешкото до македонскиот постмодерен танц“ се објавени седум. Зошто се одлучивте за тематскиот дијапазон на кој укажува насловот на книгата?

– Дилемата која ми се наметна во почетната фаза од конципирањето на книгата беше каков тематски опфат да има и кон која проблематика да реферира. Во опција беа едукација, танцова антропологија, што подразбираше многу поширок приод во самиот третман. Но, од друга страна, јас во сите претходно публикувани книги се движам низ материјалот на генерално рамниште, пишував за историјата и правев анализа на танцот во светски рамки, пишував за перформативноста преку примери земени од различни периоди и географски одредници, ја разгледував драматургијата на најголемите балетски дела, односно пристапував од воoпштени позиции. Тоа ме натера овојпат да се ограничам на македонскиот танц, бидејќи ценам дека за него не е доволно пишувано или, пак, се пишува супспецијалистички, најчесто историски приоѓајќи кон специфичен танцов формат, односно стил – класичен балет, традиционален танц итн. Имав потреба македонскиот танц да го поставам и разгледам теориски, да ги откријам врските на контекстот и танцовите поетики независно од кој вид.

Професорка сте на Факултетот за музичка уметност при УКИМ, но на кого е наменета книгата?

– Книгата не е учебник, таа може да се користи во одредени делови во наставата, но примарно е наменета за сите оние кои го сакаат танцот, кои сакаат да дознаат нешто повеќе од сувопарните историски нафрлени фактографии, кои сакаат да продрат подлабоко во оваа проблематика и да декодираат некои внатрешни, скриени значења и постапки. Конечно, книгата е пишувана за сите оние кои ги интересира македонскиот танц. Многупати досега колегите од странство ми го поставиле прашањето каде можат да прочитаат нешто повеќе за оваа наша македонска танцова сцена. Упатував на текстови публикувани во странски списанија, но тоа беше парцијално решение. Тоа ме поттикна книгата да биде подготвена двојазично (на македонски и англиски јазик), што дава можност за нејзина поширока дистрибуција, аналогно и многу поголем читателски круг.

Како обичните гледачи да ја разберат разликата меѓу современ, модерен и постмодерен танц?

– Јас постојано се борам со терминолошките недоследности од типот – модерен балет, а притоа се има во вид модерен танц. Ќе се обидам да дефинирам накусо, иако оваа проблематиката е комплексна и овој материјал го предавам на четирисеместрален курс. Модерен танц е линија која се развива повеќе од еден век со воспоставен континуитет, етапи на развој и формирана лексичка и методолошка база. За разлика од тоа, современиот танц се јавува многу подоцна, најчесто е експериментален, истражувачки, концептуално поставен и не е нужно поврзан со тренирани, обликувани во одреден формат тела. Постмодерниот танц е приказна за себе – има две струи, и доколку ја земеме позицијата на теоретичарката Линда Хачион едниот претставува продолжување и модифицирање на модерната. Другиот, кој во истражувачка смисла е многу поинтригантен (попознат како Џадсон продукција), драматично раскинува со сѐ што е конципирано, усвоено како перформативна матрица и е автономен феномен, своевиден метатанц.

На насловната корица е младиот танчер Марко Мицов, кој со успех настапува надвор од Македонија. Во кој правец се движи македонскиот танц, воопшто?

– Марко Мицов е пример каде е македонскиот балет, тој нема ниту еден ден стаж во НОБ, туку по завршување веднаш беше поканет во САД. Конкурентен, прифатен и успешен на светскиот уметнички „пазар“ со изведби на дела на Баланшин, Арпино, Џофри, Франклин, е моментно најдобриот амбасадор на македонскиот балет надвор од границите на Македонија. Домашната сцена осцилира помеѓу продукцијата на националната куќа НОБ со фиксиран репертоарен профил, субвенциониран на државно ниво, и независната продукција, која претпоставува презентација на новата танцова естетика, новите истражувачки постапки, која во овие услови нема фиксирана динамика, односно стабилен континуитет. Еден правец на движење не смее да постои, македонскиот танц треба да се развива ризомски паралелно во различни насоки. Тоа ја гради физиономијата на една здрава, полнокрвна изведувачка сцена, но при тоа со нормирани и правилно поставени критериуми за нејзина верификација и валоризација.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ бр. 12, во празничниот број на „Слободен печат“ на 4-7 јануари 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот