Светската премиера на „Најсреќниот човек на светот“ ќе се случи во Венеција

Во „Најсреќниот човек на светот“ игра актерска екипа од Македонија, Хрватска и Босна и Херцеговина

Новиот долгометражен игран филм „Најсреќниот човек на светот“ на режисерката Теона Стругар Митевска е селектиран во официјалната натпреварувачка програма на филмскиот фестивал во Венеција, каде ќе ја доживее својата светска премиера.

Македонската кинематографија по речиси триесет години се враќа на филмскиот фестивал во Венеција со филмот „Најсреќниот човек на светот“ на режисерката Теона Стругар Митевска. Ова е прво учество на Македонија со мнозински проект во една од официјалните натпреварувачки програми на еден од трите најголеми фестивали во светот – Венеција.

По успехот на „Пред дождот“, Милчо Манчевски ја имаше честа со својот нареден филм „Прашина“ да го отвори фестивалот. Конечно по долго време, повторно имаме филм во Венеција, овојпат во програмата „Хоризонти“, каде филмот на Теона С. Митевска ќе се натпреварува за наградите за најдобра режија, најдобар филм, улоги и други важни признанија.

– Лично, имам многу силна сентиментална врска со Венецијанскиот фестивал. Таму, уште како тинејџерка, првпат стапнав на црвениот килим и бев неповратно маѓепсана и досега се немав вратено со свој филмски проект и, се разбира, чувствувам неверојатна возбуда од самата помисла дека „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска ме носи повторно на Лидо, на еден од трите најзначајни и најпрестижни фестивали во светот. Овојпат сме поканети во престижната, авторски ориентирана програма „Хоризонти“ и некако ни се потврдува дека истрајноста на Теона да говори со свој филмски јазик е интригантна за најголемите светски филмски собири -изјави Лабина Митевска, актерка и продуцент на филмот, на прес-конференцијата на која беше објавена убавата вест.

Филмот е копродукција помеѓу Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска. Развојот и продукцијата се поддржани од Агенцијата за филм, Креативна Европа – МЕДИА, Еуримаж, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот фонд од Сараево. Буџетот на филмот е 1.450.000 евра, меѓу кои 487.000 евра се од македонската Агенција за филм.

Теона С. Митевска, Ана Костовска и Лабина Митевска за време на снимањето на филмот во Скопје

Филмот е сниман на локации во Скопје, најмногу во адаптиран простор во НУБ „Свети Климент Охридски“, во текот на пет седмици, како и една седмица во Сараево. Косценарист на филмот е Елма Татарагиќ, директор на фотографија е Вирџини Сент Мартен од Белгија, сценографијата е на Вук Митевски, костимите се на долгогодишниот соработник на Теона од Словенија, Моника Лорбер, и шминката на Мојца Горогранц Петрушевска. Монтажер на филмот е Пер Киркегард од Данска, а дизајнер на звукот е Ингрид Симон од Белгија. Кастингот е на Киријана Николовска, прв асистент на режија е Раша Петровиќ, а директор на филмот е Елена Станишева.

– Овој филм го гледам како симфонија на кореографирани движења кои ги размотуваат слоевите на емоции, полека обвивајќи го гледачот до точка на вртоглавица. Локацијата е клучна: хотел во стилот на осумдесеттите, сведок на архитектонскиот стил од бивша Југославија: бетонски брутализам или модернизам, а потоа тука е ранетиот град Сараево, сведоштво за отворените рани и болките од минатото. Тука се поставуваат прашањата, што нè одредува: нашата етничка, религиска или родова припадност? Што нè раздвојува или спојува? Ова е приказна за непредвидливоста на животот, случајните средби помеѓу напаѓачот и жртвата, оживувањето на болното минато; ова е приказна за невозможни спојки, за љубовта и апсурдноста. Филмот започнува како хумористична екскурзија и се развива во планина од наслоени искуства. Филмот е базиран на вистинска приказна и тоа директно од авторот на сценариото ЕлмаТатарагиќ – стои во режисерската експликација на Теона С. Митевска.

Лабина Митевска и Бојан Лазаревски на прес-конференцијата во Скопје

Главните улоги во филмот ги играат Јелена Кордиќ Курет и Аднан Омеровиќ, а во другите улоги играат Лабина Митевска, Ана Костовска, Николина Кујача, Фирдауз Неби, Џевдет Јашари и Зорица Нушева од Македонија, Ксенија Маринковиќ од Хрватска, Изудин Бајровиќ, Ирма Алимановиќ, Ведрана Божиновиќ, Мона Муратовиќ, Синиша Видовиќ, Кемал Ризвановиќ од БиХ.

– Селекцијата во натпреварувачката програма на Венецијанскиот фестивал за „Најсреќниот човек на светот“ е огромен успех, сам по себе. Очекуваме, пред сè, одлично претставување, но се надеваме и на награди, бидејќи веруваме во овој филмски проект – истакна директорот на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски.

(Текстот е објавен во ТВ и Филмски печат на 29 јули 2022 во весникот „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот