Светот во 2023-та

Методи Хаџи-Јанев / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Овој свет ќе има примеси од Студената војна, но и од периодот на тоталната либерална доминација. Сепак, ќе има и свои специфичности бидејќи е различен од она што во поновата историја сме го виделе. Дипломатијата, економијата, развојот и користењето на информациско-комуникациските технологии сè повеќе ќе бидат насочени кон јакнење на воената моќ и капацитети.

Годината што е пред нас има потенцијал да биде дефинитивно една од оние години во кои се можни сериозни пресврти. Ако тоа не се случи, тогаш оваа година ќе биде акцелератор на процес на создавање еден поинаков свет во кој дигиталниот прогрес и современите технологии ќе бидат фактор што ќе ја еродира демократијата наместо да ја зацврстува како што се очекуваше, или пак како што некои во цутот на доминацијата на либерализмот предвидуваа (земете го интернетот и современите информациско-комуникациски технологии – на почетокот од 2000-тите години беше „најлибертаријанскиот“ проект). Независно, процесот на оформување на средината за создавање на мултиполарниот свет заврши на крајот од минатата година во стил како и што почна во февруари 2022, со средба на Путин и Кси и со смели пораки во кои јавно ѝ пркосат на либералната доминација предводена или олицетворена како западна.
Нештата во 2023 година, драги мои, ќе бидат жешки и тешки. Војната во Украина има многу мали изгледи да заврши, особено поради тоа што тешкашите на двете страни работат на диверзификација на главните фактори за потхранување на судирот што не е само за Украина, туку е многу поголем. Тој е егзистенционален и е за доминација на светскиот трон. За двата табора, оној што демократскиот свет го смета за авторитарен и оној што овие другите (автократите) го сметаат за лицемерен и извитоперен, овој судир е да се биде или не. На една страна се аналитичарите што сметаат дека западната доминација ќе преовлада и ќе успее во овој судир да опстои, оти онаа другата, спротивната, има сериозни разлики по многу основи (посебно помеѓу Кина и Русија, а некои анализи предвидуваат и најекстремна варијанта, дури и потенцијален меѓусебен конфликт).

На другата, пак, е онаа другата група аналитичари, кои сметаат дека либералниот свет е тешко фрагментиран и ја артикулираат сè поголемата разлика на западниот свет, особено помеѓу САД и Европа, но и на леви и десни што се поларизираат околу вредносните системи (се прелеваат од тоа како да биде уредена државата до регулирање и заштита на одредени групи и поединци, на пример ЛГБТ-заедницата). Независно од различните тврдења, она што нè очекува во новата година е растегнување на конфликтот во Украина и нагласен фокус на збиднувањата во Индо-Пацификот како два столба на фронт под чиј превез ќе тлеат и ќе се распламтуваат регионалните конфликти – што замрзнати, што лошо менаџирани и неправилно класифицирани за конфликти во поодмината фаза на нивно решавање, дури и продавање приказни дека се успешни стории (сите сличности се ваша лична интерпретација). Сепак, некој оправдано би можел да се посомнева во ваквите сценарија и да даде алтернатива која е оптимистичка. Тоа е посакувано за светскиот мир и тука нема збор. Но, работите во реалноста звучат и изгледаат малку поинаку.

Последната средба на Кси и Путин, како никогаш досега во изминатите триесет и плус години им ја замрзнува крвта на западните политичари, посебно на европските. Средбата Путин Кси постави платформа за операционализација на сојуз помеѓу Кина и Русија. Што, всушност, во реалноста би значело тоа за Западот е најголемата дилема. Иако засега нема официјален сојуз, веројатноста дека соработката ќе се подигне на едно повисоко ниво итајќи кон сојуз има сериозни изгледи. Симболика или не, Кси одлучи последната средба за 2022 година да ја направи со Путин. Од оваа средба Кси вети дека ќе го засили стратегиското партнерство со Русија. Во воведниот дел од средбата, пак, Путин мошне јасно подвлече дека односите со Кина се историски во најдобра состојба. Она што е вознемирувачко за светот е што глорификацијата на оваа соработка Путин ја стави во контекст, како што тој подвлече, на „сериозен притисок и провокација од страна на Запад“. Дополнително, Путин официјално најави и посета на Кси во март годинава.

Она што Кси го истакна во неговиот воведен дел е ехо на стратегијата на Кина за вин-вин, но од нивна перспектива. Секако, сето тоа за стабилност во светот. Поинаку кажано, Кси е за стабилност, ама прво да се редефинира тронот и хиерархијата околу него. Народски – да се дефинира кој е кој во меѓународните односи. Ако на ова се додаде и фактот дека во 2022 година односите помеѓу двете земји сериозно се интензивираа, не само на дипломатски, туку и на економски и информациски план, кулминирајќи со серија заеднички воени вежби што имаат за цел ништо друго туку проекција на моќ (секој во својот гео-регион). Економски, Кина е диверзификаторот за Русија. На пример, повеќе од една четвртина од увозот на Кина доаѓа од Русија (една четвртина во Македонија и во Кина не е исто). Економската размена според кинеските извори минатата година се зголемила за триесет и два процента и достигнала рекордни 172,4 милијарди долари. Кинеските компании бргу го пополнија вакуумот што се јави со санкциите на Западот кон Русија поради Украина. Само како за илустрација, од 14 бренда на автомобили што се продаваат на рускиот пазар, 11 се од Кина. Русија истовремено си најде замена за европскиот пазар во кинескиот. Според Руски извори, извозот на енергенси во Кина се зголемил за 64 отсто, и за 10 отсто во волумен. Од ноември минатата година Русија го презеде првото место од Саудиска Арабија на најголем снабдувач на гориво за Кина. Дополнително, Русија стана втор најголем снабдувач на Кина со гас и четврт снабдувач на течен гас. Фактот дека Русија продолжува да произведува стратешки проектили и ракети, нешто што требаше да се спречи преку санкциите, според тврдењата и на едните и на другите е резултат на соработката со Кина.

Сепак, реалноста е малку поинаква. На економски план, Русија веќе добро го има разработено целиот празен од на либералниот пазар кој почива на побарувачка и снабдување и, секако, на трката по профит. Да скратиме – Русија успеа да најде формула како да ги искористи слабостите и недоследностите на либералната економија и со тоа да ги амортизира ефектите од санкциите. На пример, преку Турција и Естонија, на база на либералниот концепт на оф шор компании, но и на регулативи што се со либерален префикс Русија успева да обезбеди репроматеријали за производство на оружје. Дополнително, дел од тие современи технологии ги обезбедува преку Кина или Иран, на пример. Кина вети дека санкциите на Западот за неа не важат и во тој дух таа вети дека ќе инвестира во партнерство без граници со Русија. Путин со тоа покажа дека дури и да ја држи Кина неутрална (воено) во однос на Украина, ќе може да го амортизира силниот и мошне добро оркестриран западен притисок на сите фронтови.
Токму затоа, по дебелата увертира би заклучиле: светот во 2023 година ќе ита кон мултиполарен. Овој свет ќе има примеси од Студената војна, но и од периодот на тоталната либерална доминација. Сепак, ќе има и свои специфичности бидејќи е различен од она што во поновата историја сме го виделе. Дипломатијата, економијата, развојот и користењето на информациско-комуникациските технологии сè повеќе ќе бидат насочени кон јакнење на воената моќ и капацитети. Теоријата на одвраќање ќе биде главната рамка врз која НАТО ќе сака да ги гради односите со потенцијалните предизвикувачи. Тоа во практика ќе значи создавање услови за поголема практичност или подготовка на НАТО за оперативен одговор, ако Путин се реши на таков луксуз. Засега Западот е во предност и сè уште постои сериозен јаз помеѓу двата табора во корист на либералниот свет. Проблемот е во тоа што тој јаз се намалува, а креативноста на предизвикувачите и логиката и концептот на оперирање значително влијае врз намалување на таа разлика, но не со темпо што некои на Запад очекуваат, туку далеку побргу. Користењето прокси-актери ќе продолжи да биде главен проблем за изигрување на меѓународното право и за барање легитимитет. Тоа, пак, драги мои, ги зголемува ризиците за регионалните замрзнати конфликти и има потенцијал да го исфрли целиот „валкана долна облека“ од слабо лидерство на сите инволвирани страни до масовната корупција, клиентелизам, централизам, партиска поделеност и што уште не закопани во локалната динамика и корелации.

Иако е тешко да се каже со сигурност, ризикот од ескалација на дополнителни регионални конфликти е зголемен. Отворањето фронт (иако е малку веројатно како опција) на Индо-Пацификот не е исклучена. Она што мора да се подвлече е дека системите кои немаат изградено капацитети за самостојно да го примаат и да го акумулираат ударот, па дури потоа да се потпрат на колективниот одговор за удар назад и трансформација на слабостите во предности, ќе имаат тешка година. Дополнително, опасноста од пандемии и природни катастрофи, заедно со опасноста од терористичките напади, како и се поголемата поларизација на внатрешен план со обиди за манипулации на демократските избори ќе продолжи да ја еродира доминацијата на западниот свет. Сè на сè, нека ни е среќна и весела Новата 1940, пардон 2023 година.

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот