Претседателскиот мандат не е за нови внатрешни и регионални поделби и за изолација на земјата

Зоран Бојаровски

Првиот ден после официјалните резултати, особено откако сте избран за претседател(ка) на државата, завршува улогата на кандидат и на конкурент за највисоката државна функција и со преземањето на таа улога вие ја претставувате државата. Пред таа функција и после петте години претседателствување, по дома, како приватно лице, никој нема да ве принуди да ја именувате државата според нејзиното уставно име. Но, од денес, како лице што ја претставува државата дома и на меѓународен план, должност на претседателката е да го почитува уставот кој утврдил дека името на државата е Република Северна Македонија.

Освен како прва жена претседателка на Северна Македонија, Гордана Сиљановска Давкова ќе биде запаметена и како прва на оваа функција којашто уште првиот ден постапи спротивно на Уставот на државата. Професорката по уставно право.
Многу ме интересира што си помисли претседателката на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Добрила Кацарска, која е на чело на институцијата која е надлежна да следи дали претседателката на Републиката е одговорна за кршење на Уставот и законите во вршењето на своите права и должности и кој во случај на утврдена одговорност одлучува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број судии.
Еве да не одиме до таму, но прашање е колку е мудро и рационално уште првиот ден, на самиот свечен чин на инаугурација на новоизбраната претседателка да се предизвика Уставот во делот кој може да донесе сериозни, многу сериозни последици, во односите со соседите и во меѓународните односи.
Едно е реториката и занесот на изборната кампања. Тоа е флуидна реалност во која емоциите и занесот можат да предизвикаат да се кажат зборови и ветувања за да се добие глас повеќе, но кога ќе заврши кампањата и изборите, настапува нова реалност.
Првиот ден после официјалните резултати, особено како сте избран за претседател(ка) на државата, завршува улогата на кандидат и на конкурент за највисоката државна функција и со преземањето на функцијата Претседател на Република Северна Македонија, вие ја претставувате државата. Вие сте врховен командант на вооружените сили. Своите права и должности ги вршите врз основа и во рамките на Уставот на Република Северна Македонија и законите за време од пет години.
Пред таа функција и после петте години претседателствување, по дома, како приватно лице, никој нема да ве принуди да ја именувате државата според нејзиното уставно име. Но, од денес, како лице што ја претставува државата дома и на меѓународен план, ваша должност е да го почитувате уставот кој утврдил дека името на државата е Република Северна Македонија.
Сиљановска е доволно возрасна и искусна и не мора да очекуваме дека ги слуша тие што се дел од нејзиното потесно опкружување, што ѝ биле советници за време на кампањата, но доколку потклекнала на нивните охрабрувања да биде доследна на реториката на изборната кампања, тогаш треба сериозно да се замисли кои се тие што ја советуваат и кои се нивните мотиви.
Тие не ја претставуваат државата и немаат никаква одговорност. Најголема одговорност ќе им биде моралната, ако воопшто ја имаат, ако ја довеле во заблуда претседателката на државата да не го почитува Уставот.
Сосема друго ќе беше да ја посоветуваат дека сега, кога веќе не е кандидатка за претседателка туку Претседателка на Република Северна Македонија (намерно е Претседателка напишано со голема буква за да сфати дека тоа е сега официјална титула на поранешната професорка и пратеничка), да го издекламира текстот на свечената изјава на официјалната седница, а потоа во изјава за медиумите да објасни дека морала да го испочитува Уставот и свечениот чин, па дури и гостите во Собранието, но дека многу бргу или веднаш, ќе поведе постапка за враќање на претходното име на државата.
Така ќе покажеше одговорност кон актуелниот Устав, а, ете, кога веќе вети, и одговорност кон оние што ја изгласаа.
Наместо некоја таква или слична постапка, новата претседателка отвори прашање кое е затворено и врз основа на едно такво затворено прашање ние станавме членка на НАТО и ги започнавме преговорите со ЕУ.
Првата реакција од Грција веќе ја видовме на самиот чин на инаугурацијата. Грчката амбасадорка Софија Филипиду ја напушти собраниската сала откако Гордана Сиљановска-Давковка, новата шефица на државата, за време на заклетавата го кажа старото име на државата без да каже Северна.
Од грчката амбасада потврдија дека таа постапка била според инструкциите на Министерството за надворешни работи на Грција и ништо чудно таму веќе да е подготвен актот со кој дипломатското претставништво на оваа земја во Скопје да биде променето во Канцеларија за врски, како што беше пред Преспанскиот договор.
Бргу стигна и официјалната реакција на грчкото МНР.
„Овој чин е флагрантно кршење на Договорот од Преспа и Уставот на нашата соседна земја, кој е усогласен со меѓународните обврски на Северна Македонија. И покрај приговорите што ги искажа како опозициска партија при ратификацијата на Договорот од Преспа, актуелната грчка влада како ратификуван го почитуваше меѓународниот договор, кој преовладува секоја друга законска одредба. Во овој контекст, Грција категорично наведува дека понатамошниот напредок во нејзините билатерални односи со Северна Македонија, како и нејзиниот напредок во европскиот курс зависи од целосното спроведување на Договорот од Преспа и главно од употребата на уставното име на земјата“.
Но тоа е само почеток. Наеднаш, од пријател и поддржувач во евроинтеграциите, каква што беше Грција, сега ќе имаме уште една земја со дебела причина да го блокира процесот за членство во ЕУ.
На професорката и кандидатка за претседател Гордана Сиљановска-Давкова во повеќе наврати и прилики за време на кампањата ѝ беше предочувано дека едно е меѓународното право, а друго меѓународната политика. Но таа, сега веќе сосема очигледно, решила не само да не ги послуша овие совети, туку да ја тера својата приватна, еве да речеме и академска амбиција, и во меѓународната политика.
Тоа така не бива. Секој нов чекор во оваа насока само ќе не оддалечува секој ден од Западот, ја вовлекува земјата во нова изолација и со тоа ќе се фрли во прегратките на Истокот. Сега станува сосема легитимно прашањето: Да не е тоа вистинската намера и заднина на овие постапки?
Во своето обраќање на инаугурацијата Гордана Сиљановска-Давкова повика на обединување, а всушност започна нови поделби.
Повеќе од две третини од граѓаните за Северна Македонија се за НАТО и за заокружување на членството во ЕУ и тие граѓани сега сериозно се прашуваат дали таа навистина ги застапува нивните интереси. Провокацијата на Сиљановска-Давкова е провокација кој сериозно ќе му наштети евроинтегративниот процес. Не само Грција и Бугарија, сега сите други 25 членки ќе си речат „чекај малку, со кого си имаме работа тука“ и уште „како да имаме доверба во земја чии лидери наеднаш го поништуваат сето тоа што беше придобивка од решението со спорот со соседот, благодарение на кое добија членство во НАТО и започнаа преговори со ЕУ?“. Многу бргу и официјално овие прашања ќе бидат ставени на политичката маса. На таа маса нема академска расправа за теориите и праксата на меѓународното право. Не. Таму владее еден друг јазик.

Рацин.мк

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот