Северна или не, that is the question?

Марин Гавриловски

Како што сега стојат работите, сакале ние тоа да го признаеме или не, се согласувале ние со тоа или не, ни предизвикува ли придавката северна мачнина во желудникот или не, тоа е веќе завршена работа и не зависи од нашето одобрување и согласност

Професорката по Уставно право и политички систем на Правниот факултет во Скопје, Гордана Силјановска-Давкова, од неодамна позната и како претседателка на државава, одлучи при читањето на свечената заклетва во Собранието наместо уставното име Република Северна Македонија да каже само Македонија. Ова предизвика егзалтација кај вмровското гласачко тело во државата, кое надолго и нашироко го величаше овој правно несмасен гаф на новата шефица на државава, претпоставувам воопшто не поставувајќи си го прашањето дали Сиљановска-Давкова својот потпис го ставила на заклетвата на која пишува Република Северна Македонија или, пак, само Македонија? И дали доколку се потпишала на заклетва што го содржи уставното име на државава, ги изневерила вмровските патриотски очекувања и за тоа треба да одговара пред вкрстените пиштол и кама?
И доколку претседателката се потпишала на заклетвата што го содржи уставното име, чуму циркусот со нејзиното читање, кој непотребно нанесе штета на угледот на државава, кога таа со својот потпис посредно го признава новото име со територијална одредница определено со Преспанскиот договор и верификувано со уставните измени донесени од Собранието?
Правно гледано, станува збор за грубо непочитување на Уставот на државата од оној што треба да е најсилен негов бранител, дополнително и професор по Уставно право. Каков пример им дава Сиљановска-Давкова на своите поранешни студенти, но и на целокупната домашна и меѓународна јавност прекршувајќи ги уставните одредби? Моето скромно познавање од правото ме учи дека секоја сериозна држава, но и поединец е обврзан да го почитува договорот што претходно го склучил, односно веќе ратификуваните меѓународни договори стануваат дел и од домашното право и во конкретниот случај тие се инкорпорирани и во домашното законодавство. Дали сево ова значи дека доколку некој поединец не се согласува со одредена законска или уставна одредба, може да не ја почитува, односно да одлучи да постапува по своја волја и убедување, наспроти законскиот текст. На пример, доколку некој смета дека уставната одредба со која животот на човекот е неприкосновен е несоодветна за, да речеме неговиот сосед кој му ја узурпирал нивата, тогаш тој може, спротивно на уставот и на законите, да посегне по животот на својот сосед? Претпоставувам дека на сите ви е јасно дека доколку ова би се применило во практика, во општеството би настанал општ хаос. Па, така, доколку некој претседател или претседателка на држава одлучи да не го почитува Уставот и своеволно ја именува државава во официјален документ само како Македонија, не употребувајќи го ни атрибутот на вид државно уредување – република, ниту, пак, географската одредница – северна, дали таа треба да се санкционира, да речеме онака како што би се санкционирал секој оној граѓанин што одзел човечки живот или, пак, не?
Доколку сево ова се анализира од светогледот на просечниот македонски гласач (запенавен вмровец што сè уште клика: „Солун е наш“), оној што го дал гласот за Сиљановска-Давкова, нејзиното неспомнување на уставното име наидува на одобрување. Се разбира никому во Македонија не му е сеедно што државава го смени своето име од Република Македонија во Република Северна Македонија и се разбира секој наш граѓанин во слободна употреба го користи зборот Македонија кога сака некому да му каже од каде потекнува, но употребата на зборот Македонија од официјален претставник на државава не е во согласност со обврските што државата ги презема со Преспанскиот договор. Во крајна линија, изјавата на грчкиот премиер најсоодветно ја илустрира состојбата со начинот на расудување на Балканците. Тој изјави дека не се согласил со употребата на термините македонски јазик и македонски народ (исто така предвидени со Преспанскиот договор), но нив ги употребува бидејќи претходната грчка влада тоа го прифатила.
Овој текст нема намера да го анализира преговарачкиот процес и односот на македонската дипломатија кон проблемот со решавањето на уставното име на државава, односно да го постави прашањето зошто воопшто кога се преговараше за името на државава, се отворија и прашањата за јазикот и нацијата, кои почетно не беа предмет на преговори, од причина што е тоа веќе завршена работа и треба да им се остави на историчарите што ќе го проучуваат ова прашање, па тие да го дадат својот суд.
Како што сега стојат работите, сакале ние тоа да го признаеме или не, се согласувале ние со тоа или не, ни предизвикува ли придавката северна мачнина во желудникот или не, тоа е веќе завршена работа и не зависи од нашето одобрување и согласност бидејќи еднаш претставници на оваа држава ја дале таа согласност и го промениле официјалното име на државата и тоа треба да претставува обврска за секој друг избран функционер што бар малку смета на кредибилитетот на сопствената држава во меѓународни рамки.
Не знам дали Гордана Сиљановска-Давкова е свесна дека на кој било мултилатерален или билатерален состанок на кој таа ќе присуствува во својство на претседател, пред неа ќе стои табла со уставното име на државава, дали таа тогаш ќе одбие да седне на таа маса и каков ефект би имало тоа врз државата?
За жал, придавката северна е дел од уставното име на државата кое гласи Република Северна Македонија. Тој назив е напишан и на заклетвата што Сиљановска-Давкова ја потпиша пред народните избраници на дванаесетти мај, тој назив е напишан на униформите на војниците што ја пречекаа пред Вилата Водно при примопредавањето на функцијата, тоа име е напишано на банкнотите кои Сиљановска-Давкова ги користеше и ќе ги користи кога ќе сака нешто да купи, тоа име ќе стои на секој документ што таа ќе треба да го потпише, како што е тоа, на пример, указ за прогласување закон или, пак, покана за прием во претседателската резиденција. Кратенката НМК е и на регистарските таблички на возилото со кое таа ќе се движи и на униформите на полицајците што ќе го регулираат сообраќајот во тој момент, новото уставно име е составен дел на називите на сите државни институции, установи, театри, музеи итн.
Дали претседателката е свесна дека доколку сака да биде конзистентна на нејзината прва, несмасно одиграна улога како шеф на државата ќе треба во сите претходно наведени случаи да го користи и употребува само називот Македонија. Дали тоа значи дека таа нема да сака да биде пречекана од припадниците на армијата, дека ќе се вози со возило без регистарски таблички, дека нема да ги употребува парите со новиот назив, нема да посетува театри и музеи? Но, и сето ова не е толку важно колку што првиот впечаток од настапот на новиот претседател на државата предизвика дипломатска бура и негодување во регионот и ЕУ. Чуму таков потег?
Можеби сите овие прашања, таа и нејзините соработници требало да си ги постават пред да одлучат дека, како ној со главата во земја, нема да го прочита она што ќе го потпише.
Гордана Сиљановска-Давкова ќе покажеше многу поголем сенс за политика доколку како прва нејзина активност беше приемот на грчката амбасадорка во претседателскиот кабинет, на кој таа би била потсетена на обврските што Грција ги има, а кои произлегуваат од Преспанскиот договор, а таа сè уште ги нема исполнето, како што е, на пример, замената на таблите со називот „Скопиа“ што сè уште се наоѓаат на грчките автопатишта. Вака само им ја олеснува работата на оние што не ни сакаат добро, да продолжат со нивните агенди и планови. Утук на утук преку тараба никогаш не носел резултат, па тоа ќе биде и сега случај.

(Авторот е адвокат)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот