СВЕДОШТВА ОД ТЕШКАТА СООБРАЌАЈКА КАЈ НИШ: „Како авион да падна врз нас, мислев дека никој нема да преживее“

Фото: Принтскрин/Блиц.тв

Возачот на камион Г.Б. (46) од Кралево, кој вчера е уапсен поради сомнение дека предизвикал тешка сообраќајна несреќа на автопатот кај местото Горња Трнава во која загинаа тројца работници од Крагуевац а осум се повредени, немал алкохол во крвта, а по несреќата се наоѓа во тешка психичка состојба, јавува „Блиц“.

– Возачот е алкотестиран на лице место и утврдено е дека нема алкохол во крвта. Тој по несреќата беше во комплетен шок, буквално беше занемен поради тешките последици. Па така, се уште не е јасно која е причината поради која тој преминал во коловозната лента за застанување и налетал на комбето со работници од Крагуевац, кои застанале бидејќи возилото им се расипало. Возачот по несреќата е во тешка психичка состојба, навистина е потресен од трагедијата – вели непознат извор на српски „Блиц.

Г.Б. е возач на една компанија од Кралево која работи со сечење и обработка на дрво, а шлеперот со две приколки со кој управувал е наменет токму за превоз на дрва. Тој е уапсен под сомнение дека извршил тешко кривично дело против безбедноста во јавниот сообраќај и одреден му е 48-часовен притвор, по кој со кривичната пријава ќе биде изнесен пред Освновното јавно обвинителство во Ниш.

Фото: Принтскрин/Блиц.тв

Што ја предизвикало несреќата се уште не е познато. Според изјавите на преживеаните работници, камионот се движел со голема брзина, но не се знае зошто свртел кон лентата за застанување, со оглед на фактот оти на тоа место патот е прав и прегледен. Според „Блиц“, поради тоа што несреќата се случи во попладневните часови, односно во 10.35 часот, мала е веројатноста возачот да заспал на воланот.

Се очекува и анализа од тахографот, кој дава детални податоци за брзината и другите параметри при возењето, што ќе овозможи дополнителни информации за оваа тешка сообраќајна несреќа.

На местото на настанот загинаа Срѓан и Љубиша Јовановиќ, како и 19-годишниот Жикица Величковиќ. Неговиот татко Игор, заедно со уште седум колеги, се потешко и полесно повредени, а лекарите од Клиничкиот центар во Ниш вчера се бореа за да ги спасат животите на четворицата со најтешки повреди.

Од болничкиот кревет, еден од преживеаните, за „Новости“ изјави што точно се случило.

– Во комбето бевме 11 луѓе, тргнавме да работиме во Лесковац, кадешто требаше да поставуваме кабли. Во близина на местото Алексинац, застанавме на помошната коловозна лента. Неколку од нас беа надвор од комбето, а некои останаа внатре. Сите млади луѓе, колеги. Возачот се јавуваше на телефон за друго возило да дојде по нас, кога некој викна „леле, леле, види како вози“. Во тој момент, како да падна авион врз нас, толку силно се слушна. Камионот со цела силина удри во комбето. Гледав немоќно што не снајде. Камионот ги здроби моите колеги како воденица, мислев дека никој нема да преживее – вели еден од преживеаните за „Новости“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот