Суд после три години го прогласи за мртов исчезнатиот германски милијардер Хауб
Цели три години по неговото исчезнување на швајцарските Алпи, суд во Келн денеска го прогласи за мртов милијардерот Карл-Ериван Хауб, јави ДПА.
Хауб, кој беше ко-сопственик на малопродажниот конгломерат Тенгелман, сам заминал на скијачка експедиција на 7 април 2018 година, во Зермат во Швајцарија и повеќе не се врати. Неговото семејство верува дека тој починал во несреќа во близина на врвот Клајн Матерхорн. Во тоа време имал 58 години.
– Околностите потребни за да се оправда прогласувањето на смртта се докажани поради спроведената истрага, соопшти денеска судот.
Браќата на Хауб, а подоцна и неговата сопруга побараа тој да биде прогласен за мртов.
Во последните месеци имаше сомнежи за смртта на искусниот скијач, но судот ги отфрли.
По исчезнувањето на Хауб, неговиот брат Кристијан го презеде извршното управување со групацијата Тенгелман.
Семејството оттогаш се бори околу поделба на власта во конгломератот, кој ги вклучува и текстилната компанија Кик и синџирот продавници за хардвер Оби.
Одлуката на судот може да се обжали.