Стоматолог Илија Караманов: Комбинирани протетски изработки

Фото: Приватна архива/Профимедиа

Протетските изработки што се користат за надоместување на изгубените заби, главно можат да се поделат на фиксни, каде што спаѓаат коронки и мостови, и мобилни, како што се парцијалните и тоталните протези. Во дадени случаи, најидеалното решение бара комбинирање на овие два вида изработки.

Каков вид решение ќе му биде понудено на пациентот, зависи од повеќе фактори. Еден од најважните фактори е состојбата, бројот, распоредот и квалитетот на преостанатите заби во вилицата. Промените што настанале како резултат на губењето на забите, исто така, имаат значително влијание. Потребно е да се испитаат движењата на долната вилица, односно на зглобовите, кои се случуваат при актот на џвакање на храната. Навиките на пациентот, во смисла на пушење лула, навиките од аспект на хигиената, па и самата професија на пациентот, можат да бидат од значење за изборот на изработката што треба да ги надомести изгубените заби.

Принципот на изработка на овој систем не е едноставен и бара упорност од лекарот и од пациентот. Процедурата трае околу 2-3 недели, временски период во кој има потреба од 8-10 посети кај стоматологот. Најпрво се изработува фиксната порцеланска структура, која на своите краеви го содржи делот од копчињата, кои треба да го обезбедат поврзувањето со мобилниот дел. Постојат различни видови копчиња (атечмени), а изборот најчесто го прави лекарот врз база на расположливиот простор и сознанијата добиени од анализата на состојбата во устата. Потоа следува изработката на мобилниот дел, односно парцијалната протеза, која најчесто е скелетирана (изработена од метал), која го содржи останатиот дел од атечменот. Покрај самиот атечмен, постојат уште неколку елементи какви што се стабилизатори, итерлок, интралок и други, кои секој со својата функција го зголемува квалитетот на изработката. Сите споменати компоненти треба речиси совршено да поклопуваат, со цел пациентот да го чувствува сиот благодат од протетското помагало што му е изработено.

Комбинираните протетски изработки имаат и естетски и функционални предности во однос на другите мобилни протетски помагала. Начинот на изработка и системот на поврзување на фиксниот и мобилниот дел обезбедува избегнување на металните или жичани куки, кои неретко има потреба да бидат поставени во фронталната, односно естетски видлива регија. Од функционален аспект, главната предност е во тоа што се избегнува дестабилизација и поголема подвижност на мобилниот дел од изработката, што џвакањето го прави речиси со чувство на природни заби.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот